Научници конструираа робот-шахист со вештачка интелигенција

Научници од Универзитетот во руската република Кабардино-Балкарија конструираа робот кој игра шах, со цел да им помогне на студентите подобро да ги совладаат принципите на програмирањето, пренесоа руските медиуми.

Станува збор за уникатен систем кој претставува роботска рака со вградена вештачка интелигенција и софистициран софтвер. Роботот ја набљудува таблата преку 3Д камера, која веднаш ги препознава фигурите, го следи потегот на противникот и ги забележува евентуалните грешки.

„Специјално дизајнираната фаќалка е клучниот елемент, бидејќи има способност да ја контролира силата на притисокот врз фигурите. Роботот реагира исклучително брзо – одлуката за потег ја носи за 0,1 до две секунди, додека самото физичко поместување на фигурата трае меѓу четири и десет секунди“, објаснуваат од развојниот тим.


Според Мухамед Кипов, раководител на Лабораторијата за интелигентни системи, роботот игра на ниво на меѓународен велемајстор и може однапред да пресмета десетици комбинации. Сепак, тој нагласува дека целта на проектот е првенствено едукативна, бидејќи им овозможува на студентите да стекнат длабоко разбирање за инженерскиот дизајн.

Следната фаза од проектот предвидува креирање на веб-платформа која ќе им овозможи на корисниците да играат против роботот од далечина, што ќе послужи како основа за идни шаховски турнири и образовни програми.