МЗ: Преземени се мерки од надлежните институции за немил настан во Клиничка болница Тетово

Министерството за здравство информира дека по пријава од Клиничка болница Тетово до полицијата за агресивност врз медицинскиот персонал се преземени мерки од надлежните институции. Од вработените беше пријавено 28-годишно машко лице поради агресивност кон медицинскиот персонал и физички напад врз еден од лекарите.

– Министерството за здравство се залага за почитување на интегритетот, достоинството и професионалноста на сите лекари и здравствени работници. Лекарите се сојузници на пациентите и нивните семејства, и само преку заемна доверба, почит и поддршка можеме да изградиме здравствен систем кој обезбедува хуман и безбеден третман за сите, се вели во соопштението на Министерството за здравство.

СВР Тетово претпладнево информираше дека вчера во 16:00 часот, полициски службеници го лишија од слобода М.М.(28) од с. Челопек, постапувајќи по претходна пријава од Клиничката болница во Тетово дека агресивно се однесувал кон персоналот и физички го нападнал Л.А.(31) од с. Желино, лекар во болницата, додека тој се обидувал да му пружи лекарска помош.


– Исто така, по пристигнување на полициските службеници, М.М. агресивно се однесувал и кон нив и физички нападнал еден од полициските службеници, соопшти СВР Тетово.

Тој е задржан во полициска станица и по документирање на случајот ќе му биде поднесена соодветна пријава.