Време е Европа не само да се разбуди, туку и да направи исчекор во насока на проширување на Унијата. Потребно е помалку да се зборува за историјата, а повеќе за иднината, истакна министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски во обраќањето на форумот организиран од Интернационалната демократска унија (International Democracy Union – IDU) што се одржа во Загреб, Хрватска.
Форумите на Интернационалната демократска унија, како што соопшти МНРиНТ, обединуваат носители на политики, високи партиски претставници и мисловни лидери од глобалното членство и пошироко, овозможувајќи отворена размена на идеи и интензивни дебати меѓу партнери кои ги споделуваат вредностите на слободата и демократијата.
Во своето обраќање, министерот Муцунски истакна дека државата презема конкретни чекори и испорачува резултати и на домашен и на меѓународен план.
Тој потенцираше дека не го прифаќа наративот на жртва, иако, како што посочи, државата во континуитет се соочува со процес на билатерализација, изразувајќи очекување дека со формирањето на бугарската влада ќе се создаде нов импулс за придвижување напред.
Во однос на европската интеграција, министерот нагласи дека поддршката од одделни земји членки е значајна, но дека е потребен усогласен пристап од сите држави членки на Европската Унија.
Тој посочи дека очекува таквиот пристап да биде заеднички и координиран, наведувајќи ја Хрватска како принципиелен поддржувач на процесот.
Осврнувајќи се на геополитичките предизвици, министерот Муцунски истакна дека во услови на геополитичка нестабилност, време е Европа не само да се разбуди, туку и да направи исчекор во насока на проширување на Унијата. Воедно, тој потенцираше дека е потребно помалку да се зборува за историјата, а повеќе за иднината.
Министерот нагласи дека не е можен индивидуален одговор на големите кризи кои влијаат врз сите, туку дека е неопходен заеднички пристап. Во таа насока, тој ја истакна потребата од диверзификација на енергетските извори, инвестиции во гасни интерконектори и инфраструктура, како и спротивставување на штетните влијанија од трети страни.








