Денес во касарната „Илинден“ во Скопје, амбасадорот на САД во НАТО, Метју Витакер, оствари работна посета на Армијата и Министерството за одбрана.
-Денеска заедно со амбасадорот на САД во НАТО, Метју Витакер, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, како и в.д. амбасадорката на САД, Никол Варнс, бевме во посета на припадниците на Баталјонот за специјални сили во касарната „Илинден“ во Скопје, каде што беше реализирана показна тактичка вежба, објави министерот за одбрана Владо Мисајловски.
На средбата со министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, беше потврдена успешната соработка како и беа разгледани можностите за понатамошно унапредување на соработката и придонесот во НАТО.

Во рамки на посетата, припадниците на Баталјонот на специјални сили и Извидувачко-разузнавачкиот баталјон ја демонстрираа својата обученост преку реализација на методско-показна вежба при откривање и неутрализација на високи цели, една од најкритичните мисии во современите операции.

На вежбата беа презентирани капацитетите и високото ниво на професионалност на припадниците на македонската Армија.

Во рамки на посетата, се разговараше за тековните и идните инвестиции во Армијата, за плановите за раст на одбранбениот буџет, како и за исполнувањето на НАТО-целите на способности и зацврстувањето на колективната одбрана.
Заеднички сме посветени на понатамошниот развој на македонската Армија и зајакнувањето на стабилноста и безбедноста, потенцира Мисајловски.








