Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски ќе учествува на Парискиот сајбер самит

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, во следните два дена ќе престојува во официјална посета на Париз, Франција, каде што ќе учествува на Парискиот сајбер самит (Paris Cyber Summit 2026), еден од најзначајните меѓународни форуми посветени на сајбер безбедноста, вештачката интелигенција и дигиталната трансформација.

Програмата на самитот е фокусирана на стратешки дискусии за актуелните безбедносни предизвици во дигиталниот простор, развојот на вештачката интелигенција и зајакнувањето на дигиталните капацитети на државите.

Во рамки на посетата, министерот Андоновски ќе учествува на министерска тркалезна маса во Францускиот Сенат на тема „Градење на сајбер капацитети во Западен Балкан под постојана закана“, заедно со министрите и високите претставници од земјите од Западен Балкан. Дискусијата ќе биде посветена на зајакнувањето на националните и регионалните сајбер капацитети, соработката меѓу институциите, заштитата на критичната инфраструктура, справувањето со хибридни закани и усогласувањето со европските стандарди во областа на сајбер безбедноста.


На тркалезната маса министерот Андоновски ќе ги претстави македонските искуства, постигнатиот напредок и тековните приоритети во областа на сајбер безбедноста, со посебен акцент на имплементацијата на стратешките и законските рамки, јакнењето на институционалните капацитети и унапредувањето на регионалната соработка како клучен предуслов за поголема отпорност и ефикасен одговор на современите сајбер и хибридни закани.

Во рамки на официјалната посета на Париз предвидена е и средба со француската министерка за вештачка интелигенција и дигитализација, Anne Le Hénanff, на која делегациите од земјите учеснички ќе имаат можност да ги претстават своите главни достигнувања како и можностите за продлабочување на соработката со француските институции, размена на добри практики и развој на заеднички иницијативи во областа на дигитализацијата, сајбер безбедноста и примената на вештачката интелигенција.

Учеството на Република Македонија на Парискиот сајбер самит претставува уште една потврда за посветеноста на државата кон унапредување на дигиталната трансформација, зајакнување на сајбер отпорноста и продлабочување на меѓународната соработка во областите кои се од клучно значење за безбедниот и одржлив дигитален развој.