Минчев: Постигнат е историски договор со синдикатите, СДСМ води нихилистичка и самоуништувачка политика

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, гостувајќи во „Тема на денот“ во Дневникот на Сител ТВ, остро реагираше на реакциите на опозициската СДСМ во врска со постигнатиот договор со синдикатите, оценувајќи дека станува збор за неосновани и политички мотивирани тврдења.

„Од начинот на кој СДСМ го коментира овој договор, можам да кажам дека води една нихилистичка и самоуништувачка политика. Владата во континуитет носи решенија со кои се опфатени сите вработени каде што државата е работодавач – во полицијата, одбраната, здравството, образованието и сега завршува со околу 11 илјади вработени во јавната администрација, за која што е факт дека навистина платите беа мали” – истакна Минчев.

Тој нагласи дека Министерството за јавна администрација, во координација со Министерството за финансии а предводено од Претседателот на Владата, го води овој процес повеќе од една година преку интензивен социјален дијалог со репрезентативните гранкови синдикати УПОЗ и САДУ.

„Денеска е постигнат историски договор со кој платите на вработените во јавната администрација, кои со години беа на ниско ниво, до крајот на 2027 или почетокот на 2028 година ќе пораснат до 40 проценти, вклучувајќи ги и редовните годишни усогласувања“ – потенцираше министерот.


Минчев појасни дека со овој договор се заокружува процесот на зголемување на платите во јавниот сектор каде што Владата е работодавач.

Во однос на барањата за минимална плата од 600 евра, министерот оцени дека тие се нереални и финансиски неодржливи, при што нагласи дека висината на минималната плата е прашање кое се утврдува преку договор помеѓу работодавачите и синдикатите во рамки на Економско-социјалниот совет. Тој предупреди дека евентуалното прифаќање на вакви барања може да предизвика сериозни економски и социјални последици и за јавниот и за приватниот сектор.

„Оваа Влада води одговорна политика која ги штити и работниците и економската стабилност на државата, за разлика од популистичките и дневнополитички пристапи“ – порача Минчев.