Милевски: Кога ќе видам дека сите се разочарани по реми, тоа ми кажува дека имаме карактер и квалитет

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Благоја Милевски, ги искажа своите впечатоци по нерешените 1:1 против Казахстан во меч од квалификациите за Светското првенство 2026.

– Да можам, би ја сменил почетната постава и дел од играчите. Не бевме изненадени од Казахстан, но имавме малку материјал за анализа. Планот беше да се наметнеме со одредена тактика, но не функционираше, па направивме замени уште на полувремето. Второто полувреме веќе беше она вистинското лице на Македонија. Миовски принудно играше на странична позиција, но бргу мораше да се направи корекција. Ако не го сменивме системот ќе морав да направам замена уште во 15. минута, истакна Милевски.

Тој додаде дека тимот бил нервозен на стартот, што било резултат на големиот напор во мечот со Белгија.

– Во првиот дел загубивме многу дуели и втори топки, но реакцијата во продолжението беше токму она што го очекував. Им честитам на фудбалерите – со играта во второто полувреме заслуживме победа, но фудбалот е понекогаш суров. Казахстан одигра одлично, но сепак ние бевме поблиску до триумф. Кога ќе видам дека сите се разочарани по реми, тоа ми кажува дека имаме карактер и квалитет. Во овие изминати 14 официјални натпревари сме без пораз и примивме само пет гола. Разочарувањето сега само покажува дека сме созреан тим. Во Кардиф ќе одиме да уживаме во фудбалот, а што ќе донесе тоа, ќе видиме“ изјави селекторот Милевски на прес – конференцијата по натпреварот.

На табелата води Белгија со 14 бода, македонската репрезентација е втора со 13, Велшаните имаат 10, Казахстан 7, Лихтенштајн 0. (МИА)