Мицкоски: Швајцарија е еден од нашите најзначајни партнери во развојната соработка

Швајцарија е еден од најзначајните партнери на Македонија во развојната соработка, а билатералните односи имаат потенцијал дополнително да се зајакнат, особено во делот на економијата и трговската размена, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски по средбата со претседателот на Швајцарската конфедерација, Ги Пармелан.

На средбата, на која присуствувале и претставници на Владата и на бизнис-заедницата, било разговарано за можностите за унапредување на соработката, за заедничките предизвици, но и за начините за продлабочување на партнерството во периодот што следи.

– Разговаравме за сите можности, за предизвиците, но и сето она коешто не поврзува и како сето тоа да го зголемиме и засилиме во периодот којшто следува. Убеден сум дека во периодот којшто следи нашите билатерални односи ќе го достигнат она ниво коешто и ние го очекуваме, посебно во делот на економската соработка и трговската размена – истакна премиерот Мицкоски

Премиерот нагласи дека Владата ќе продолжи интензивно да работи на подигнување на билатералните односи на повисоко ниво и упати благодарност за досегашната поддршка од Швајцарија.

-Како претседател на македонската Влада можам да кажам дека ќе работиме интензивно на зајакнување и подигнување на повисоко ниво на нашите билатерални односи – посочи Мицкоски.

Претседателот на Швајцарската конфедерација, Џи Пармелан, за време на официјалната посета на земјава по средбата со премиерот изјави дека Швајцарија останува силно посветена на продлабочување на билатералните односи со Македонија, со посебен акцент на економијата, инвестициите и стабилноста во регионот.

– Дојдени сме тука да продолжиме да соработуваме и да ги продолжиме сите наши билатерални односи – истакна Пармелан, нагласувајќи дека Швајцарија веќе три децении одржува континуирана соработка со Македонија.

Пармелан посебно се осврна на македонската дијаспора во Швајцарија, потенцирајќи ја нивната значајна улога во поврзувањето на двете држави.


– Имаме преку 100 илјади Македонци во Швајцарија, од кои 40 илјади веќе поседуваат државјанство – изјави претседателот на Швајцарската конфедерација.

Како еден од клучните резултати од посетата, Пармелан најави отворање швајцарска комора во Македонија.

– Во текот на оваа моја посета, најважно е да се потенцира дека во Македонија, од страна на Швајцарија, ќе се отвора комора – изјави тој, додавајќи дека фокусот ќе биде ставен на продлабочување на билатералната соработка во економијата и инвестициите.

Тој посочи дека двете земји се комплементарни во економската соработка. Како што рече, Швајцарија е таа што ги носи иновациите и технологијата, додека Македонија е таа што придонесува во однос на работната сила и поддршката на работниците. Потсети дека повеќе од 100 швајцарски фирми се присутни и во Македонија.

Според него, безбедноста и правната сигурност се клучни предуслови за странски инвестиции.

– За да се инвестира во една држава, потребно е да се има сигурност и безбедност, особено од логистичка и правна гледна точка – рече Пармелан.

Претседателот на Швајцарската конфедерација истакна и дека Швајцарија има јасна цел да ја поддржи Македонија на нејзиниот европски пат.

– Целта на Швајцарија е да ја поддржи Македонија на нејзиниот пат кон Европската Унија. Стабилноста и просперитетот на Балканот и на Западен Балкан се поддржани од страна на Швајцарија. Во однос на меѓународната соработка, Швајцарија има вложено повеќе од 30 милијарди евра во областа на инфраструктурата и логистиката. Иако се постигнати значајни чекори, и понатаму останува одредена несигурност во овие простори – рече тој.