„Денес треба да размислуваме и да ја планираме нашата задничка иднина, каде што татковината ќе ја препознаеме по редот, работата и напредокот. По институциите ќе бидат сервис на граѓаните, а не товар. Во која трудот ќе се вреднува, младите ќе остануваат, а семејствата ќе имаат сигурност и перспектива. Држава што вложува во знаење, во нови технологии и иновации, што создава домашна економија конкурентна на европскиот пазар, што гради современа инфраструктура и чиста животна средина. Земја што не чека да ѝ се случи иднината, туку сама ја создава. Таквата Македонија нема да ја изгради ниту еден човек сам, туку сите заедно – државата, стопанството, науката, семејствата, младите. Таа Македонија треба да биде визија што ќе ги обедини сите генерации: од оние што се бореле за неа, до оние што ќе ја водат во новите времиња“.
Ова го порача премиерот Христијан Мицкоски во своето обраќање на свечената академија „Од идеја до држава“ по повод Денот на македонската револуционерна борба – 23 Октомври, што се одржа во Македонскиот народен театар.
Мицкоски нагласи дека во периодот што следи, Владата има една и главна цел, а тоа е битката и борбата за животен стандард и за подобар живот.
-Нашата земја е создадена врз идејата за заедништво. Тоа е нејзината најголема сила и најголема обврска. Нашата татковина е татковина и дом на Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Србите, Власите, Бошњаците и сите други кои ја чувствуваат како своја татковина. Сите тие ја обликуваат како мозаик што свети во својата различност, но и во своето единство. Нашата задача денес е да го унапредиме тоа единство, да ја градиме довербата меѓу заедниците и да покажеме дека државата е подеднакво мајка за сите свои граѓани. Тоа не се постигнува со зборови, туку со дела. Со еднакви шанси во образованието. Еднаков пристап до институциите. Рамноправност во секојдневниот живот. Само така ќе создадеме општество во кое никој нема да се чувствува заборавен, а секој ќе се чувствува ценет и почитуван, порача Мицкоски.
Тој истакна дека не треба да дозволиме некој да нè дели по вера, јазик или етничка припадност, затоа што само заедно можеме да го одржиме мирот, да го изградиме просперитетот и да ја сочуваме иднината на нашата татковина.
-Зборуваме за Македонија во минатото, за нејзините борци, идеали и победи, но зборуваме и за сегашноста. За предизвиците. За реформите. За секојдневната борба да создадеме подобар систем и подобар живот. Да создадеме земја што ќе биде пример на стабилност и успех, земја што ќе остане своја и горда, но и современа и европска. Тоа е татковината што ја гледам пред нас – држава што чекори сигурно напред, со глава исправена и со срце насочено кон иднината, рече тој, додавајќи дека силата на државите што се напредни се мери во нивното единство и изрази жалење што кај нас има фактори кои редовно пропуштаат тоа да го изградат.
Така ќе биде и денес, оцени Мицкоски, кога ретко каде ќе слушнете честитка од нашите политички противници за Денот на револуционерната борба, не сфаќајќи дека ВМРО како организација не ни припаѓа само нам, туку на целиот македонски народ, на сите граѓани во Македонија.
Во однос на зајакнувањето на стандардот, тој подвлече дека во периодот што следи, Владата има една и главна цел, а тоа е битката и борбата за животен стандард и за подобар живот.
-Сакам да знаете дека никогаш не престанавме со оваа цел и за тоа работевме дури и во периодот на избори, за што вчера од Лондон носам добри вести за нова инвестиција. Потпишавме меморандум за разбирање со американско-британската компанија која ќе инвестира во наменската воена индустрија во Македонија до 150 милиони долари. Ќе имаме нови високоплатени 1.000 работни места, и ова е само почеток на оваа инвестиција која подоцна ќе се развива и ќе стигне до една милијарда евра. Ова ќе биде додадена вредност за македонската економија. Не чека многу работа, а наредната година навистина посакувам да биде година на економијата. Година кога народот ќе почувствува повеќе пари во паричникот, а за тоа како Влада ќе сториме се за да се случи, нагласи тој, истакнувајќи дека подобриот живот е битката на нашата генерација, и тоа мораме самите да го обезбедиме со свои сили и оти никој тоа нема да го направи за нас од надвор.
-Мора да ја направиме македонската економија поконкурентна и со повеќе додадени вредности. Борбата за секој работник е моја борба и тоа ќе биде приоритет број еден. Следува време на економија и борба за стандард. И тоа ќе биде нашата главна задача, рече Мицкоски.
Мицкоски посочи дека духот на тие неколку млади луѓе од Солун што ја запалија искрата на македонската револуционерна мисла, не остаре, туку тој дух живее во секоја генерација што верува дека слободата не е подарок, туку одговорност.
-Зашто ВМРО не е само страница во историјата- тоа е корен, идеал, тоа е завет. Организацијата што ја израсна оваа држава. Школата во која се научивме што значи да се биде чесен, да се биде храбар, да се биде свој. Денес, тие погледи од портретите во музеите не нè гледаат со гордост ако ние не ја продолжиме нивната борба, а тоа е борбата за достоинствота, за правдата, за македонско сонце што никогаш не заоѓа. Затоа, овој ден не е само спомен. Тој е повик. Повик да бидеме подобри. Да бидеме народ што ќе ја гради својата иднина со иста решеност со која тие ја започнаа својата борба. Денес, нашата татковина не е веќе сон во туѓи книги – таа е држава со свое име, свој јазик, своја гордост, иднина. Но токму затоа, нашата должност е поголема. Да ја чуваме таа држава од поделби, од омраза, од цинизам и апатија. Да ја чуваме со љубов, со визија и со одговорност, рече Мицкоски.
Тој додаде дека ВМРО ни го остави најголемото наследство-верата дека ништо не е невозможно кога народот е обединет.
-И кога ќе градиме училишта, болници, фабрики и патишта- ние не градиме само институции, туку ја продолжуваме револуцијата, во мир, со дело, со ум, со срце. Секоја генерација има своја борба. Нивната беше за држава, а нашата е за вредности. Мора оваа земја да биде место каде што ќе владее ред, почит, правда и достоинство. Место каде младите нема да заминуваат, туку ќе создаваат. Место каде што ќе се слуша македонскиот јазик со гордост, а не со страв. И токму затоа, на овој свет ден, посакувам да си ветиме едни на други- дека нема да го заборавиме заветот на тие што ни ја подарија слободата. Дека ќе останеме исправени кога е најтешко, достојни кога е најлесно, и обединети кога некој ќе се обиде да нè раздели, рече тој.
Премиерот повика да ја направиме Македонија држава со вредности, со ред и закон, со народ што верува во себе и да изградиме земја каде младите ќе останат, каде секој труд ќе се наградува, каде што никој нема да биде заборавен.
-Нашата генерација ја има истата задача што тие ја имаа- да ја брани Македонија, но на поинаков, нов начин: со знаење, со интегритет, со мудрост и со визија. Затоа што денес патриотизмот не се мери со зборови, туку со дела. Со секој мост што ќе го изградиме, со секое училиште што ќе го подигнеме, со секој живот што ќе го подобриме. Така се продолжува делото на Организацијата. Така се покажува љубов кон Македонија. Не со зборови што гласно одѕвонуваат, туку со дела што тивко траат. Денес, кога го гледаме знамето како се вее, треба да знаеме дека тоа не е само парче ткаенина. Тоа е сведоштво за сите што паднаа за да ние стоиме исправени. Тоа е завет што мора да го чуваме. И затоа, на овој 23 Октомври, да си ветиме едно на друго: дека нема да ја изневериме нивната жртва, дека нема да го изневериме нивниот сон. Да си ветиме дека ќе ја чуваме Македонија- во нашите мисли, во нашите постапки, во нашите срца. И кога некој ќе праша што е ВМРО, да можеме да одговориме со гордост: тоа сме ние- народот што не се покори, народот што ја љуби својата земја повеќе од животот. Да живее идејата што не згаснува! Зашто идејата на ВМРО е вечна- таа не живее во книгите, туку во нашите дела, во нашите соништа, во нашата љубов кон оваа земја. Да живее ВМРО! Да живее народот кој никогаш не се покори и кој знае дека најубавите страници од нашата историја- сè уште не се напишани! Бог да ја благослави Македонија, држава изградена со вера, со крв и со сон!, заврши во своето обраќање премиерот Мицкоски по повод Денот на македонската револуционерна борба – 23 Октомври.