Доаѓа времето кога државата врти нов лист, нова страница — испишуваме заедно нова историја на оваа генерација решена да победи. И кога велиме „вистинскиот избор“, не велиме лозинка — туку вистината на секој граѓанин што не се предаде. На секој човек што работи, создава, помага и верува дека оваа земја може и мора подобро. Од Охрид до Штип и Делчево, од Битола до Скопје, се слуша истиот глас — гласот на народот што сака ред, сигурност и иднина. Сака правда. Сака чесност. Гласот на луѓето што не чекаат некој да им ја донесе среќата, туку сами ја создаваат. И токму затоа, вечерва, од овде— праќам порака што никој повеќе нема да може да ја замолчи: дека оваа земја избира сигурен пат, избира работа, избира стабилност, избира — надеж.
Ова вечерва од големиот завршен митинг во Охрид го истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Тој додаде дека вистинскиот избор е одлука со која се прави иднина, а одлуката ја носи човекот што работи, земјоделецот што секое утро го почнува со надеж, работникот што не се откажува, учителот што воспитува, лекарот што спасува, младите што сакаат иднина овде, дома.
Посочи дека тоа се луѓето што ја градат оваа држава.
-Тоа е Македонија што не се гледа на билборди, туку се чувствува во секое маало, во секој град, во секое рамо што подава поддршка и во секоја рака што создава. И затоа ова не е крај на кампања. Ова е потврда на нашата определба — да ја чуваме оваа земја, да ја исправиме, да ѝ го вратиме достоинството што премногу долго ѝ го одземаа. Затоа што Македонија не може повеќе да си дозволи празни зборови. И токму затоа, од овде, од Охрид, од градот каде што се сретнуваат културата и духовноста, ја испраќаме пораката која ќе одекне низ целата земја: дека овој пат изборот не е тежок, затоа што вистината е јасна, затоа што разликата се гледа и се чувствува. Изборот е помеѓу искрен труд и празна приказна, помеѓу сигурен пат и непознат хаос, помеѓу држава што гради и политика што руши. И затоа, вечерва, јасно и гласно велиме — Македонија го прави вистинскиот избор, нагласи Мицкоски.
Тој потенцираше дека ова не е победа на еден човек, ниту на една партија, туку дека е победа на сите што веруваат во работа, во вредности, во чесност и во држава што стои на свои нозе.