По завршувањето на конференцијата, на 22 октомври, во рамките на Берлинскиот процес во Лондон, германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека Германија силно го поддржува европскиот пат на земјите од Западен Балкан, но нагласи дека на тој пат нема да биде лесен кога станува збор за реформите и владеењето на правото.
„Сакам уште еднаш јасно да потенцирам – тие земји, кои ги нарекуваме држави од Западен Балкан, припаѓаат заедно со нас,“ изјави Мерц, додавајќи дека идното членство на регионот зависи исклучиво од исполнувањето на европските стандарди и демократските критериуми.
Тој нагласи дека Германија и Европската Унија ги третираат балканските држави како рамноправни партнери, што, како што рече, претставува голем исчекор за регион што сè уште се соочува со „сенките на минатото“ и „националистичка реторика“. Мерц потсети дека Берлинскиот процес треба да биде простор за соработка и помирување, а не нови поделби.
Во своето обраќање, германскиот канцелар се осврна и на односите меѓу Белград и Приштина, повикувајќи ги двете страни да ги исполнат своите обврски и да направат конкретни чекори кон нормализација на односите.
„Време е тие две земји целосно да ги спроведат преземените обврски. Напредокот во дијалогот е клучен предуслов за стабилноста на целиот регион,“ изјави Мерц.
Тој додаде дека Европската Унија не може да понуди алтернатива на реформите: „На секоја од земјите ѝ е оставено да одлучи кога и како ќе се приклучи кон Унијата. Но реформите се клучот – нема и нема да има попусти,“ истакна германскиот канцелар.
Како следен чекор, Мерц најави дека следната конференција на Берлинскиот процес ќе се одржи во Црна Гора, со цел натамошно зајакнување на регионалната соработка и забрзување на европските интеграции.
Берлинскиот процес, покренат во 2014 година, останува еден од најважните политички рамки преку кои Европската Унија ја поддржува реформската агенда, економската поврзаност и стабилноста на Западен Балкан.







