Германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон планираат на Самитот ЕУ – Западен Балкан и Молдавија да презентираат нова иницијатива со која ќе се забрза интеграцијата на земјите кандидатки од Западен Балкан во ЕУ.
Во заеднички документ (position paper), владата на Берлин и на Париз се залагаат за први чекори во интеграцијата и пред полноправно членство, со цел да се забрза процесот на интеграција.
Според документот, исполнувањето на одредени критериуми за прием ќе биде наградено со привилегиран пристап до заедничкиот европски пазар и испраќање набљудувачи во европските институции.
– Политиката на проширување има потреба од нов импулс, се наведува во документот во кој увид имаше Германската новинска агенција (ДПА).
Предвидено е Мерц на Самитот во Тиват да има билатерални средби со премиерот на Македонија, Христијан Мицковски и со претседателот на Црна Гора и на Србија, Јаков Милатовиќ и Александар Вучиќ.
Како што е наведено во владини кругови, во овие разговори посебен акцент ќе биде ставен на перспективата на шест земји од Западен Балкан да се приклучат кон ЕУ. Конкретно, се очекуваат првите предлози за нивна побрза интеграција во институциите и политиките на ЕУ, дури и пред нивното полноправно членство, наведува ДПА.
Мерц претходно изјави дека се потребни нови идеи и флексибилност во процесот на проширување на ЕУ и предложи постепена интеграција на шесте земји од Западен Балкан и придружно, условено членство на Украина. Киев ја отфрли идејата на Мерц и инсистира на што побрзо полноправно членство.
Самитот ЕУ – Западен Балкан се одржува денеска и утре во Тиват. (МИА)








