МАКРОН: Западот не може да дозволи Русија да победи во војната во Украина, затоа ние ќе продолжиме да му помагаме на Киев

Западот не може да дозволи Русија да победи во Украина и поддршката за Киев мора да продолжи, изјави синоќа францускиот претседател Емануел Макрон, цитиран од Франс прес.

Макрон изјавата ја даде за време на божиќната вечера со францускиот воен персонал, кој е стациониран во Јордан.

-Знаете каква е рамнотежата на силите, знаете што не можеме да дозволиме да се случи – не можеме да дозволиме Русија да победи, истакна францускиот лидер пред француските офицери и војници во Јордан.


„Каков би бил утрешниот ден за Европа, во спротивно? Ние ќе продолжиме да и помагаме на Украина. Тоа што ние го правиме, иако има своја цена, е одлучувачко за нашата идна безбедност, за нашата улога во Европа и за суверенитетот на Украина“, додаде францускиот претседател.

Француските медиуми забележуваат дека ситуацијата за Украина во моментов е особено деликатна, бидејќи и САД и ЕУ бавно ја деблокираат новата финансиска помош.

фото:ЕПА