Многу какафонични пораки го одбележаа македонскиот евроинтегративен пат во изминатиот период. Од тоа што било речено претходно до тоа што беше речено последно има толку голема разлика што тешко се чита и помеѓу редови.
Еве дел од тие пораки за кои има разбирлива недоверба кај јавноста, па и кај владата.
Известувачот за Македонија во Европарламентот Томас Вајц претходно силно побара од Европскиот совет да се произнесе дали вметнатиот во преговарачката рамка втор протокол од меѓувладината седница Македонија-
Бугарија може да биде причина за вето од Софија за билатерлани, идентитетски и историски прашања.
Одговор не доби ниту Вајц, ниту неговиот предлог амандман се спомна во предлог извештајот за Македонија усвоен од АФЕТ. Но, затоа 2 амандмани од бугарските европарламентарци го поминаа комисискиот филтер.
Во нив се бараат јасни и опипливи резултати од заедничката комисија за историски и образовни прашања. И тоа не какви било резултати, туку текстовите треба да го одразуваат толкувањето на историските факти и бројки од заедничката историја на двата народа врз основа на објективни, автентични и засновани на докази историски извори и документи, научно толкување и историски настани, како што е предвидено во вториот протокол од Договорот за добрососедство.
Воедно, во последната реченица од едниот амандман се осудува секој обид за замена на историски споменици и артефакти, вклучително и уништувањето на автентичното културно наследство и се изразува жалење за уништувањето и фалсификувањето на бугарските натписи“?!.
Каков е тој извештај кога од една страна вели идентитетот не е предмет на преговори, а се бара од историската комисија, составена од искомпромитирани бугарски историчари да даде опипливи резултати, што подразбира по бугарски терк.
Што мислат под „уништување автентично културно наследство и уништување и фалсификување бугарски натписи“? Дали мислат на спомениците на жртвите на бугарскиот фашистички окупатор кои ги бришеше Зоран Заев? Или се мисли на спомениците и артефактите кои сведочат за депортацијата на 7.144 Евреи од Македонија во логорот на смртта Треблиника од бугарскиот окупатор? Дали се мисли дека Гоце Делчев се борел за независна/автономна бугарска држава, наместо македонска? Сигурно ниту едно од наведените. Но, токму бугарскиот тим од заедничката комисија по последната средба во Скопје, укажува што мислат бугарските политичари. Во извештаите, освен што се наведува дека нема никаков напредок во разговорите, не случајно се потсетува на амандманите усвоени на АФЕТ. Уште подалеку оди бугарскиот премиер Румен Радев. Тој од Тиват ја потенцира бугарската позиција дека не треба во ЕУ да се внесуваат наследени политички и историски проблеми, алудирајќи на улогата на историската комисија, вметната во преговарачката рамка, како инструмент за следно вето. За Радев работата е многу едноставна. Потребно е само вметнување на Бугарите во македонскиот устав, но само за да се отвори преговарачкиот процес.
Тоа што ја креира какафоничната политика на Брисел доаѓа и од врвот на ЕУ. Претседателот на Европскиот совет, еднаш од Софија порача дека ја разбира потребата на македонската влада од гаранции за предвидлив преговарачки процес, а во Скопје се прави ,,наудрен‘‘ за потребните гаранции. Додека правната служба на неговиот Совет молчи за толкување на вториот протокол, во извештајот на ЕП македонските државјани се заменуваат со државјани на Република Северна Македонија. Притоа забораваат дека зад таа формулација во преспанскиот договор застанаа и Европската Унија и САД и НАТО.
И доаѓаме до разногласието на предлогот на Франција и Германија (Макрон и Мерц) со кој се предвидува нов пристап во проширувањето, со намалување на прекумерно формализираните процедури и спојување одредени административни чекори. Односно ползување на придобивките од членство во ЕУ од страна на земјите кандидати без право на гласање или вето и пред формалното членство.
Во предлогот се наведува дека СО СОГЛАСНОСТ НА ЗЕМЈИТЕ ЧЛЕНКИ би се забрзало отворањето на сите релевантни преговарачки кластери кога тоа ќе го предложи Европската комисија. Од друга страна екс српската премиерка Ана Брнабиќ, тврди дека најголемата вредност на иницијативата е тоа што би се ограничила можноста поединечни земји-членки на Европската Унија да го блокираат напредокот на кандидатите откако тие веќе ги исполниле потребните критериуми.
Дали гласањето во целиот процес на преговарање, кое сега изнесува повеќе од 40 пати ќе се намали и за колку не открива ниту Кошта. Тој лично смета дека не е потребна едногласност за отворање поглавја и групи, туку само за нивно затворање“.
Тоа во македонскиот случај и не значи ништо со оглед на бугарските намери. Ако Софија е единствената која не се согласува ниту со акцискиот план за малцинства, подготвен од експерти за човекови права од Европската комисија за малцинствата во земјава, вклучително и бугарското, тогаш интенцијата на Бугарија е јасна.
Единствено кој може да ја расчисти оваа какафонија на Брисел по сите неправди кон Македонија, е оската Париз-Берлин. Засилената комуникација и соработка за европските интеграции на Македонија, што се договорени на билатералните средби во Тиват на премиерот Мицкоски со претседателот Макрон и канцеларот Мерц и тоа преку директни претставници од нивните кабинети дава надеж дека проблемот е лоциран, а барањето гаранции оправдано. Средбите со ЕУ два пати месечно, наместо 2 пати годишно ќе придонесат за реална слика за реформите и проблемите на евроинтегративниот пат.
А, механизми има. Ако можеа да ги употребат за Виктор Орбан, со кафе пауза за кандидатурата на Украина, можат да најдат начин „да ја решат“ и за најсиромашната земја во ЕУ, Бугарија. За почеток покренатата постапка за лажење за буџетскиот дефицит за да влезе во еврозоната.
ПС: И додека чекаме 27-те членки на Унијата да се договорат како да ни го олеснат патот во ЕУ, можеби е време на границите на Западен Балкан да им се воведе посебна лента само за ЕУ, па нека чекаат, нека се сликаат и нека даваат отисоци за влез и излез. А, сите останати нека минуваат речиси без чекање на другите ленти. Барем малку да ја почуствуваат мизеријата на какафонијата што ја создаваат.







