👁️  5

На нешто помалку од четири месеци до почетокот на Европското ракометно првенство, организаторите објавија дека овој турнир ќе биде убедливо најпосетениот во историјата.

Германија можеби најдобрата земја за домаќинство на еден континентален собир, најмногу поради одличната инфраструктура, големите сали и стадиони, а од организацијата најавија дека веќе е срушен првиот рекорд, иако првенството не ни започнало.

Токму македонската репрезентација ќе ја има честа да настапи на премиерниот натпревар, кога на „Меркур-Шпил Арена“ во Дизелдорф, ќе се соочиме со силната Франција.

Генералниот секретар на ЕХФ, Мартин Хауслајнтер, изрази големо задоволство од интересот и официјално соопшти дека повеќе нема билети за првиот натпреварувачки ден од првенството. Франција ќе биде голем фаворит против Македонија, но нашата репрезентација ќе има историска можност да заигра на отворен стадион, пред 50.000 ракометни фанови.

Организаторите велат дека сѐ уште има многу билети за останатите мечеви, но првиот ден е комплетно распродаден и се најавува спектакл на отворањето на туринирот. Македонија и Франција ќе се сретнат на 10 јануари во 18:00 часот, а домашната Германија ќе игра против Швајцарија, со почеток во 20:45 часот.

Нашите ракометари се во тешка група со Германија, Франција и Швајцарија, но надежите за позитивни резултати секогаш постојат. Се очекува и големо присуство на „фалангата“, која сигурно ќе им даде огромна поддршка на нашите репрезентативци. Европското првенство во ракомет започнува на 10 јануари, а натпреварот за златниот медал е закажан за осумнаесет дена подоцна.