Тина Русева е една од најперспективните млади македонски таленти чиј глас одекна и надвор од границите на нашата земја. Нејзиното учество во германското шоу привлече внимание, а нејзината искреност, харизма и силна верба ја издвоија од останатите. Во ова интервју за Analitikum.mk, Тина зборува за своите предизвици на патот и големите соништа кои допрва ги гради.
АНАЛИТИКУМ: Тина, како изгледаше моментот кога дозна дека си примена во германското шоу – дали беше изненадување или потврда на трудот што го вложуваш со години?
ТИНА РУСЕВА: Кога ја добив веста, срцето ми се исполни со радост и мир. Тоа го осетив како потврда од небото дека не треба да се откажувам од своите соништа. Се почувствував охрабрено и исполнето, со уште поголема желба да покажам што носам во себе.
АНАЛИТИКУМ: Koj момент на сцената засега ке го паметиш цел живот?
ТИНА РУСЕВА: Засекогаш ќе го паметам моментот кога на првата аудиција ја отпеав последната нота и конечно сфатив што всушност се случи во тие две минути на сцената. Во тој миг само си реков: “Wow girl… you made it!”.

АНАЛИТИКУМ: Кој ти ја даде првата поддршка и верба дека твоот глас може да оди далеку?
ТИНА РУСЕВА: Секако тоа беа моите најблиски без кој што ова се немаше да има смисла.
АНАЛИТИКУМ: Дали имаш некој личен ритуал пред да излезеш на сцена?
ТИНА РУСЕВА: Секогаш пред да застанам на сцената правам пауза од неколку секунди, ги затворам очите и се молам на Господ. Му го предавам моментот и оставам се во негови раце.

АНАЛИТИКУМ: Што ти е поважно – техниката или емоцијата во пеењето?
ТИНА РУСЕВА: И техниката и емоцијата се важни, но за мене вистинската магија настанува кога двете ќе се спојат. Техниката ти дава контрола, а емоцијата му дава душа на секој тон.
АНАЛИТИКУМ: Кој македонски уметник те инспирирал наімногу во твојот музички пат?
ТИНА РУСЕВА: Една од првите што ме инспирираше од кај нас беше Александра Јанева. Потоа Тамара Тодевска, Калиопи и многу други.
АНАЛИТИКУМ: Ако можеше да соработуваш со еден германски и еден македонски музичар, кого би избрала и зошто?
ТИНА РУСЕВА: Би соработувала со секој артист без разлика дали е македонски или странски доколку се работи за добра песна или добар проект.

АНАЛИТИКУМ: Колку е тешко да се остане своја во свет каде музиката често се менува со трендовите?
ТИНА РУСЕВА: Да се остане верен на себе во свет каде музиката постојано се менува е предизвик, но и можност. Клучно е да се пронајде баланс помеѓу почитувањето на сопствените музички корени и отвореноста кон нови влијанија. Важно е да се експериментира, но секогаш да се задржи личниот печат во музиката. На крајот, автентичноста е она што публиката ја препознава и цени.
АНАЛИТИКУМ: Како го балансираш времето меѓу настапите, семејството и приватниот живот?
ТИНА РУСЕВА: Исклучително сум благодарна за можноста да балансирам помеѓу моите настапи, семејството и личниот живот. Тоа е предизвик, но исто така е и благослов. Благодарна сум за поддршката од моето семејство, пријателите и обожавателите, кои ми овозможуваат да ги следам моите страсти и да бидам таму за оние кои ми се важни. Секој ден се трудам да го ценам тоа што го имам и да дадам сè од себе во сè што правам.
АНАЛИТИКУМ: Дали планираш наскоро да снимиш песна која ќе биде твоја авторска визит-карта?
ТИНА РУСЕВА: Секако, моментално се работи на тоа.

АНАЛИТИКУМ: Како изгледа твојот креативен процес – текст прво или мелодија.
ТИНА РУСЕВА: Се зависи од моментот! Честопати, кога имам јасна идеја, прво пишувам текст, а потоа барам мелодија што најдобро ќе ја надополни емоцијата на текстот. Но, понекогаш се случува и обратно – прво мелодијата, која потоа го диктира текстот што се раѓа од неа.
АНАЛИТИКУМ: Koj e твојот најголем сон кога станува збор за кариерата?
ТИНА РУСЕВА: Моите музички амбиции се да создадам музика што ќе допре до луѓето. Целта ми е да оставам трага и еден ден да настапувам на уште поголеми сцени.
АНАЛИТИКУМ: Како гледаш на тоа што многу млади Македонци во странство те сметаат за инспирациіа?
ТИНА РУСЕВА: Многу ми значи тоа што младите Македонци во странство ме гледаат како инспирација. Се надевам дека мојата работа и мојот пат можат да ги охрабрат да ги следат своите соништа, без разлика каде се наоѓаат.
АНАЛИТИКУМ: Кој совет би и го дала на себе од пред пет години?
ТИНА РУСЕВА: Остани своја, без разлика на се. Верувај во процесот, дури и кога е тешко, и не заборавај да уживаш во секој момент на патот кон целта.
АНАЛИТИКУМ: И на крај – ако треба да ja опишеш свората приказна со три зборови, кои би биле тие?
ТИНА РУСЕВА: Верба Во Бога!








