Едно нешто се договаравме во кабинетот, а пред медиумите излегуваше нешто сосема друго. Нивната тенденција не е да се разберат со Министерството, туку нивната тенденција е да се штитат неработниците во културата. Колку тие ме напаѓаат мене како личност и како министер, јас толку повеќе имам состаноци со нивни неистомисленици кои бараат да им се објасни зошто имаме недоразбирање како министер и синдикат.
Ова го истакна министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, во „Меѓу редови“ на КУРИР.
-Она што го барам јас постојано, бидејќи сум бил и дел од синдикалното делување на СКРМ е транспарентност и отчетност. Можеби некои работи што треба да се кажат не се популарни, за мене како министер, но мора да се најде мерката и мора да работиме законски. Тоа што го бараат тие досефа е непочитување на законите. Јас барам законски да потпишеме нов колективен договор во кој ќе се уредат правата на вработените во културата јасно, прецизно, точно. Тоа е она што го барам јас во овие две години, а од другата страна нема слух. За разлика од СОНК, каде што веќе имаат и конкретни предлози. Јас така мислам дека треба да продолжиме со дијалог, со разбирање, со договарање, рече Љутков.
Вели дека во неговиот кабинет примил многу луѓе со кои нашле решение на проблемите, но кај СКРМ очигледно не е таа намерата.
Дали додека тој планира нов колективен договор, дел од вработените сакаат да останат да важат двата договори со истечена важност и по двата да им следува покачување на платите?
-Точно иако тие самите си признаа овде кај мене во кабинет дека во 2024-та, март, кога сме земале плата по двата колективни договори, дека тоа е незаконско постапување. Кога ги прашав зошто тогаш не тужевте, зошто не поднесовте жалби против министерот за незаконско постапување, вели затоа што ја добивме платата која ја баравме. Тоа значи дека ние сега добиваме плата незаконска и велиме дека тоа е во ред, бидејќи е малку поголема од очекуваното, тогаш не тужиме. А сега кога ја уравуваме работата и добиваме законска плата ама не е таква каква што вие сте сакале, тогаш е незаконски и ќе тужиме. Мислам дека тоа не е фер и тоа треба да им се обрати на вработените. Секој колективен договор има рок на траење. Овој имал две години, веќе четири години е истечен колективниот договор. Што е суштината? Дека треба да потпишеме нов, рече Љутков.
Министерот дециден – платите нема да се скратат.
-Никој не вели дека платите ќе се скратат или дека некој ќе го изгуби правото на плата. Тоа е сосема обратна реторика на раководството на СКРМ да ги буцка вработените во културата дека доаѓа министер кој ќе им ги скрати платите. На никого не му се крати платата и ова најодговорно го тврдам, рече Љутков.
Мислат ли навистина дека актерот Зоран Љутков може да им мисли лошо на своите колеги? Дека тој ќе сака да се намалат плати во неговата професија, на која сигурно ќе се врати по извесен период? И го повредуваат ли нивните зборови?
Многу повеќе за оваа тема, но и за Универзална сала, театрите, приватноста, погледнете во видеото во продолжение:






