„Македонската култура е жива ризница на духот. Таа е светлина во фреските, ехо во каменот и трепет во народната песна. Во неа се запишани радоста и болката, копнежот и гордоста, истрајноста и вербата на многу генерации што создавале, чувале и оставале траен белег“, рече министерот за култура и туризам Зоран Љутков вчеравечер во своето обраќање пред концертот на Националниот џез-оркестар во Брисел во рамките на манифестацијата „Денови на македонската култура“ во Белгија.
Љутков истакна дека оваа значајна културна манифестација е потврда дека културата е најмоќниот јазик за поврзување, почит и соработка меѓу народите.
„Вечерва, музиката го презема зборот. Овде, во култниот ’Бозар‘, Националниот џез-оркестар донесува звук што произлегува од традицијата, а се претопува во современа и слободна форма. Тоа е жив доказ дека македонската култура не само што трае, туку и се развива, создава и комуницира со светот“, потенцираше Љутков.
Тој се осврна и на богатата програма на „Деновите на македонската култура“, која содржеше повеќе настани, како: изведбата на „Лебедово езеро“ од Националната опера и балет во Антверпен, проекцијата на филмот „Исцелител“ во Брисел, како и претстојната изложба на теракотните икони од „Виничко Кале“ во Европскиот парламент.
Министерот нагласи дека поддршката на Министерството за култура и туризам за ваквите настани е израз на стратешка определба за промоција на македонската култура надвор од границите на државата, како и за зајакнување на културната дипломатија.
Во своето обраќање, министерот Љутков се осврна и на значењето на македонскиот јазик, имајќи предвид дека во земјава вчера се одбележа Денот на македонскиот јазик.
„Македонскиот јазик не се мери со бројот на говорници, туку со длабочината на љубовта што ја носи во себе. Тој е јазик на истрајноста, на културната меморија и на идентитетот. Наша обврска е да го чуваме, да го негуваме и да го пренесуваме како најголемо духовно богатство“, порача Љутков.








