Лидерката на десничарската Алтернатива за Германија (АфД), Алис Вајдел, денеска изјави дека Германија треба да го прекине бојкотот на руска нафта и гас и дека евтината енергија од Русија е клучна за силата на германската индустрија.
Во интервју за Ројтерс, Вајдел оцени дека прекинувањето на енергетските врски со Русија по воведувањето на санкциите во 2022 година „ја врати Германија назад за наредните години“ и доведе до губење на стотици илјади работни места, како и до зголемена зависност од поскапи извори на енергија.
Таа рече дека АфД ги гледа претстојните покраински избори како „одлучувачка пресвртница“ и изрази верување дека партијата би можела да обезбеди пат до власт на федерално ниво веќе по следните парламентарни избори.
Вајдел рече дека АфД би можела да победи на клучните избори во источногерманските покраини, вклучувајќи ги Саксонија-Анхалт и Мекленбург-Западна Померанија, што, според неа, „ќе го отвори патот за позиција во кабинетот“.
Зборувајќи за Русија, таа рече дека „евтината енергија“ треба повторно да биде достапна за Германија и ја критикуваше зависноста од САД како поскап снабдувач на енергија.








