Љубителите на кошарката се подготвуваат за претстојниот Евробаскет кој стартува на почетокот на месец септември. Репрезентациите финишираат со подготовките, а специјализираната интернет-страница за овој спорт, „Баскет Њуз“, ги одбра најдобрите десет натурализирани имиња во историјата на континенталниот собир.
Меѓу избраните се најде името на плејмејкерот Лестер Бо Мекејлеб кој со голем успех го носеше дресот на Македонија и беше лидер во историскиот резултат на ЕП 2011 во Литванија, каде нашиот национален тим предводен од тренерот Марин Докузовски го освои четвртото место. Мекејлеб се најде на четвртото место на „вечната листа“, а се раскажа и неговата приказна.
„Со епитетот на еднотурнирско чудо, Бо Мекејлеб ја водеше Македонија до полуфиналето на ЕП 2011 во Литванија. Израснат во Њу Орлеанс, Американецот веќе се покажа како одличен поентер во европските тимови Партизан и Монтепаски Сиена со кои имаше одлични евролигашки кампањи. Стана член на еден национален тим пред да влезе во третата сезона како професионалец во 2010 година.
„Играв во Србија и добив повик од Македонците – ме поканија да играм за нив. Не прашував многу прашања за местото. Само кажав „да“ без размислување и летнав за Скопје следниот ден“, раскажа Мекејлеб во едно од интервјуата за соработката со Македонија.
Три дена подоцна, Бо Мекејлеб стана Борче Мекејлебовски. Целата процедура ја раскажа Дејан Лекиќ, тогашен генерален секретар на Кошаркарската федерација на Македонија.
„Мекејлеб ја сакаше нашата земја, ние го сакавме него и тој стана 100% Македонец. Не му плативме за пасошот, нашиот буџет беше мал и не можевме да си дозволиме такви операции“, изјави Лекиќ.
Како еден од најдобрите плејмејкери во тој период во Европа, Мекејлеб беше главно офанзивно оружје на Македонија и на тимот кој ја разочара Литванија во четвртфиналето, а турнирот го заврши како четврти, по порази од Шпанија и Русија.
Американецот имаше импресивни бројки на Евробаскетот во 2011 година – просек од 21,4 поени, 3,1 скока и 3,7 асистенции по меч. Тоа му донесе и место во „ол-стар“ тимот. Две години подоцна Мекејлеб се обиде да ја репризира улогата на „македонски херој“, но не успеа. И покрај оние 17,6 поени и 3,2 скока по меч, Македонија на ЕП 2013 заврши со само една победа во пет меча и доживеа рана елиминација“, стои во приказната на интернет-страницата.
По Лестер Бо Мекејлеб, кој е четврти, на листата следат Вејн Брабендер (Шпанија – 1971-1981), Чичо Сиблио (Шпанија – 1981-1987), Никола Миротиќ (Шпанија – 2015), Серж Ибака (Шпанија – 2011), Крис Каман (Германија – 2011) и Еј-Џеј Слотер (Полска – 2015, 2017, 2021).