Лефков: СДС води поданичка политика диктирана од Бугарија

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, во изјава за медиумите остро ја критикуваше политиката на СДСМ, обвинувајќи ја за, како што рече, „синхронизирано делување со структури од Бугарија“ во врска со прашањето за државјанствата.

„Од авион се гледа синхронизираноста на темата за државјанствата меѓу структури од Бугарија… за разлика од патриотизмот и непопустливоста на ВМРО“, изјави Лефков, додавајќи дека СДСМ, според него, води „поданичка политика“.

Тој тврди дека ваквата координација произлегува од, како што рече, „бројни бизниси преку бугарски сметки на луѓе од врвот на СДС“ и оцени дека „некој очигледно како да ги има фатено за врат и тие мора да испорачуваат“.

Лефков обвини дека кога Бугарија има потреба од одредена тема во својата јавност, „СДС истиот ден изутрина на прес ја сервира таа услуга“, оценувајќи дека процесот за државјанства е претворен во „циркус и пародија“.

Во изјавата, тој отвори и прашање за таканаречените „златни визи“, алудирајќи на документи за престој во странство кај високи функционери.


„Може ли сега да побараме да нема златни визи или документи за жителство какви што има првиот човек на СДС во Дубаи?“, праша Лефков, додавајќи дека ваквите документи „создаваат сомнеж дека би можеле да се употребат за бегство од државата поради коруптивни дејствија“.

Според него, ваквата политика е „незрела и по диктат, а не согласно интересите на Македонија“, а односот на СДС го оцени како „реактивен“ и „во форма на Павлов рефлекс“.

„Ова е дегутантно и може да создаде дополнителни предизвици во односите, но и штети за Македонија“, изјави Лефков.

Тој заклучи дека, како што рече, „нивото на апсурд“ во однесувањето на СДС остава простор за „пародични ситуации“ во државата.