Членот на Управниот одбор на ССКМ, Марија Кукуноска, добитничка на регионалното признание „Women Entrepreneurs of the Year 2026 – Western Balkans“.
М-р Марија Кукуноска, член на Управниот одбор на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССКМ) и извршен директор на Premium Safety Solution, е добитничка на престижното регионално признание „Green Woman Entrepreneur 2026“, доделено во рамки на иницијативата „Women Entrepreneurs of the Year 2026 – Western Balkans“, организирана од Советот за регионална соработка (RCC).
Признанијата беа врачени минатата недела на свечена церемонија во Сараево, Босна и Херцеговина, при што беа одликувани жени претприемачи кои со својата работа придонесуваат за иновациите, одржливиот развој, креативната индустрија, дигиталната трансформација и економскиот напредок на земјите од Западен Балкан.
Годинава признанијата беа доделени во шест категории, а добитничките беа избрани од речиси 180 кандидатки од земјите од регионот. Настанот се одржа во пресрет на Форумот за родова еднаквост во рамки на Берлинскиот процес и обедини претставници на институциите, бизнис-заедницата и меѓународните организации.
М-р Кукуноска го доби признанието во категоријата „Green Woman Entrepreneur“, како признание за нејзиниот придонес во развојот на одржливи и одговорни деловни практики преку компанијата Premium Safety Solution, со особен фокус на безбедноста, превенцијата и управувањето со ризици.
По повод признанието, Кукуноска истакна дека оваа награда претставува силна потврда дека безбедноста, превенцијата и одговорното управување со ризици се суштински столбови на одржливиот развој.
„Особено сум горда што ова признание го добив во категоријата Green Woman Entrepreneur, бидејќи испраќа јасна порака дека вложувањето во безбедност не само што ги штити луѓето и компаниите, туку директно придонесува за зачувување на животната средина и за создавање поодржлива иднина за следните генерации“, истакна Кукуноска.
Иницијативата „Women Entrepreneurs of the Year – Western Balkans“ е воспоставена во 2022 година со цел да ги промовира успешните претприемачки приказни на жени кои создаваат нови работни места, поттикнуваат иновации и придонесуваат за одржлив економски развој во земјите од Западен Балкан.








