Кривична против полицајци од Интервентна, употребиле прекумерна физичка сила врз приведено лице

МВР соопшти дека е поднесена кривична пријава против двајца полициски службеници, зашто употребиле прекумерна физичка сила врз приведено лице. Станува збор за Д.С. и М.С. од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје.

– Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР до Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, поднесе кривична пријава против Д.С. и М.С. поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело „малтретирање во вршење на службата“. Пријавените, полициски службеници во Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје, на 19.04.2026 околу 03:00 часот при вршење службени дејствија, употребиле прекумерна физичка сила и нанеле повреди на лице лишено од слобода, наведува МВР.


Одделот за внатрешна контрола против полициските службеници ќе поднесе предлог за поведување постапка за утврдување одговорност за кршење на работната дисциплина.