По поразот од 2-6 на гости против ПСВ Ајндховен во вторникот вечер во Лигата на шампиони, тренерот на Наполи, Антонио Конте, потсети дека веќе предупредил оти италијанскиот шампион се соочува со тешка сезона, бидејќи клубот ангажираше во своите редови дури девет нови играчи, меѓу кои и македонскиот репрезентативец Елиф Елмас.
„Ова е секако разочарување, но не е случајност. Ова е нивото на Лигата на шампиони, немаме за што да се жалиме и имаме многу работа пред нас“, изјави Конте за италијанските медиуми.
Ова е прв пат да прими шест голови тим кој предводен од Конте, кој ги тренираше Јувентус, Челзи, Интер, Тотенхем и италијанската репрезентација пред да дојде во Наполи.
„Минатата сезона го освоивме Скудетото со многу ограничен состав. Имаше единство во тимот, а играчите играа над своите можности. Во текот на летото, девет нови играчи пристигнаа во тимот. Тоа е многу според мене, но бевме принудени да го сториме тоа. Предупредив дека се соочуваме со тешка сезона и не го кажав тоа за да создадам алиби, туку од сопствено искуство. Јас го преземам својот дел од одговорноста. Но, сега не смееме да очајуваме, мора да создадеме хемија во тимот што ја имавме минатата сезона. Тоа бара време и трпение. Мора да воведеме нови играчи во механизмот на овој тим, не само на теренот, туку и во соблекувалната“, истакна Конте.
По седум кола, Наполи е на третото место во италијанското првенство, само еден бод зад лидерот Милан. Сепак, во Лигата на шампиони има само три бодови, откако победи дома против Спортинг, а загуби на гости од Манчестер Сити и од ПСВ. (МИА)