Коалицијата „Влен“ се изјасни против ДУИ во Кичево. „Влен“ се произнесе по прашањето кого ќе поддржат во вториот круг во Кичево.
Тие ги демантираа шпекулациите по медиумите и изјавата на тетовскиот градоначалник Билал Касами, кој побара нивното членство да гласа за кандидатот на ДУИ, Фатмир Дехари, во Кичево. Од коалицијата порачаа дека нема да дадат поддршка на кандидат кој, како што велат, има „голема дамка“ алудирајќи на неговиот тековен секс скандал.
„Како коалиција побаравме Дехари да се повлече од изборната трка. Тој не го направи тоа, па секоја јавна поддршка е невозможна. Кичевци сами треба да ја донесат одлуката“, стои во нивното соопштение.
Тие додаваат дека никој нема „гласови во џеб“ и оти одговорноста е на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој не го повлекол кандидатот. „Јавниот морал не се преговара“, потенцираат од „Влен“.
Во меѓувреме, ВМРО-ДПМНЕ повика на обединување околу вредности, а не околу национални теми, додека коалициона поддршка веќе е најавена за Максим Димитриевски во Куманово и Орце Ѓорѓиевски во Скопје.








