👁️  5

Кинез пливал речиси 10 часа од кинеската провинција Фуџијан до тајванските острови Мацу во обид „да избега кон слободата“. Тој притоа побарал помош од туристи на островот Бејган, вториот по големина од островите, откако го каснала пчела. Туристите ги известиле тамошните власти кои пристигнале на местото на настанот и потврдиле дека се работи за нелегален кинески имигрант, пишува „Индипендент“.

Растојанието меѓу полуостровот Хуангки во Фуџијан и островот Бејган е околу 12 километри.

Надлежните потврдија дека кинескиот државјанин бил пренесен в болница на островот, и оти неговите повреди не се сериозни. Бегалецот со себе носел храна, облека, лекови и пари. Тој им кажал на надлежните дека, во потрага „по слобода“, тргнал на патешествието од полуостровот до архипелагот Мацу.

Тајван има самопрогласена самоуправа откако се отцепи од Кина во 1949 година, по граѓанска војна. Кина, инаку, ги засили своите воени активности околу Тајван последниве години, тврдејќи дека Тајван е обврзан да се обедини со Пекинг, доколку е потребно и со сила, и дека нема право самостојно да одржува надворешни односи.

Инаку, ова не е прв ваков случај. Пред три години, 45-годишен кинески државјанин бил фатен откако пливал седум часа за да стигне до островот Кинмен во Тајван поради „политичкото опкружување“ во Кина. И тој бил уапсен поради нелегален влез во Тајван.  (МИА)