Израелскиот министер за одбрана Израел Кац денеска изјави дека на израелската армија ѝ е наредено да употреби „целосна сила“ во Либан, дури и за време на актуелното примирје, доколку израелските трупи се соочат со каква било закана.
„Премиерот Бенјамин Нетанјаху и јас им наредивме на Израелските одбранбени сили да дејствуваат со целосна сила, и на копно и од воздух, вклучително и за време на примирјето, за да ги заштитат нашите војници во Либан од каква било закана“, рече Кац за време на посетата на окупираниот Западен Брег, објави „Тајмс оф Израел“.
Кац рече дека на израелската војска ѝ е наредено и да ги отстрани куќите во либанските села на линијата на фронтот, во близина на границата со Израел, за кои тој тврди дека служеле како исфрлени позиции на либанската милитантна група Хезболах и претставувале закана за израелските заедници.
Десетдневно примирје меѓу Израел и Либан стапи на сила во четвртокот, при што израелските претставници и членовите на либанската милитантна група Хезболах се обвинуваат меѓусебно за кршење на примирјето.
Израелската војска соопшти дека единиците што дејствуваат јужно од жолтата линија на раздвојување во јужен Либан идентификувале вооружени лица за кои се вели дека ја преминале линијата и им се приближиле на израелските сили на начин што претставувал непосредна закана.
Војската вели дека израелските воздухопловни сили и копнените трупи извршиле напади на повеќе локации во јужен Либан за да ја елиминираат заканата.
Жолтата линија во јужен Либан ја означува зоната на распоредување на израелските сили по стапувањето во сила на прекинот на огнот. (МИА)







