Јемен нема да остане неутрален во случај на нови американски потези против Иран

Јеменското Министерство за надворешни работи денеска објави дека земјата нема да остане неутрална во случај на нови американски потези против Иран, со силна осуда на американските акции во Персискиот Залив и порака за поддршка на Техеран во спорот околу Ормуската Теснина.

Во соопштението се наведува дека Сана ги смета мерките на САД против иранските бродови и запленувањето на бродови во регионот за „кршење на меѓународното право“ и „пиратство“, со тврдења дека ваквите акции ги дестабилизираат глобалните синџири на снабдување и ги зголемуваат цените на енергијата и храната, објави Иран Прес ТВ.

Јемен изрази поддршка за ограничувањата на Иран за пловидба низ Ормуската Теснина, оценувајќи ги како дел од „правото на самоодбрана“, додека ги обвинува САД за ескалација на тензиите во регионот.


Во соопштението се наведува и дека Јемен е заедно со Иран, Либан и Палестина во актуелните регионални конфликти, додека американската администрација се обвинува за „варварство“ и дестабилизација на Блискиот Исток.

Пораката е упатена во време на зголемени тензии околу поморските патишта во Персискиот Залив, каде што претходно беа регистрирани инциденти на запленување бродови и ограничувања за навигација.