Јавна расправа во Собранието: Кандидатите за Судскиот совет ги претставија своите визии и приоритети

Во Собранието денеска се одржа јавна расправа за претставување на кандидатите кои ги исполнуваат условите по Огласот за избор на член на Судскиот совет, што го избира Собранието. Расправата ја организираше собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата, а кандидатите ги изложија своите професионални биографии, искуство и визии за работата на Советот.

Испразнетото место доаѓа по истекот на вториот мандат во декември лани на членот на Судски совет, Селим Адеми.

Кандидатот Сабедин Даути пред членовите на Комисијата посочи дека има повеќе од три децении искуство во правосудниот и безбедносниот систем, вклучително и ангажмани во криминалистичката полиција, раководни функции во СВР Гостивар, судиската служба и нотарската дејност. Тој истакна дека Судскиот совет има клучна уставна улога во обезбедување независно и одговорно судство.

-Само преку доследна примена на критериуми засновани на знаење, интегритет и резултати може да се обезбеди квалитетна и независна судска власт- нагласи Даути, додавајќи дека ќе се залага за транспарентност, мерит-систем и јакнење на довербата на јавноста.

Кандидатката Шпреса Даути рече дека речиси дваесет години работи во судската администрација, напредувајќи до позицијата судски советник во Основниот суд Тетово. Таа оцени дека правосудниот систем се соочува со сериозни предизвици, како недостиг на судии, преоптовареност со предмети и ниско ниво на доверба.

Како можни решенија, предложи зголемување на бројот на судии преку Академијата за судии и јавни обвинители и вклучување искусни судски службеници во процесот на избор на судии.

Адвокатот Елвир Исеини, кој од 2009 година ја извршува адвокатската дејност во Тетово, нагласи дека неговото долгогодишно искуство претставува основа за придонес во Советот. Тој посочи дека е посветен на принципите на независност, непристрасност и владеење на правото, со цел зголемување на довербата во правосудството.

Кандидатот Артим Ислами во своето излагање се осврна на перцепцијата во јавноста за политичко влијание врз Судскиот совет, нагласувајќи дека ќе се залага за донесување одлуки врз основа на факти и професионални стандарди.


– Јасните и целосни образложенија на одлуките се клучни за избегнување сомнежи во јавноста, истакна Ислами, посочувајќи на законската обврска за транспарентност.

Адвокатот Фатмир Емрулаху, кој повеќе од 15 години работи во правниот сектор, нагласи дека континуирано ги следи состојбите во правосудниот систем. Според него, транспарентноста на Судскиот совет е на повисоко ниво во споредба со Советот на јавни обвинители.

Кандидатот Фадил Џелили, кој има искуство како судија, државен службеник и адвокат, нагласи дека довербата на граѓаните во судството е значително намалена.

-Потребни се правници со интегритет и авторитет кои ќе придонесат за подигање на довербата во судската власт-рече Џелили, потенцирајќи дека тоа е важен сегмент и на реформите поврзани со европските интеграции.

Кандидатот Феузи Џафери, адвокат од Гостивар со повеќегодишна практика, информираше дека по трет пат се пријавува на огласот, уверувајќи дека неговото искуство го прави подготвен да придонесе во Советот.

Во своето излагање, тој нагласи дека новиот Закон за Судскиот совет ја зајакнува транспарентноста и независноста на институцијата, додавајќи дека како член би се залагал за враќање на довербата на граѓаните во правосудниот систем.

Тој посочи дека довербата во судството е на историски ниско ниво, што го потврдуваат и анализите на меѓународните организации, и дека Судскиот совет мора да реагира јавно и конкретно во случаи на пропусти кај судиите и раководствата на судовите.

Огласот за избор на еден член на Судскиот совет, кој се избира од редот на универзитетски професори по право, адвокати, поранешни уставни или меѓународни судии и други истакнати правници предвидува кандидатите да имаат најмалку 15 години искуство во правната професија, да уживаат углед и интегритет, да имаат значаен професионален или научен придонес во областа на правосудството и да приложат препораки.