ИЛИНДЕН ОД ТИРАНА ВО ИТАЛИЈА: Носии, ајвар, лепче, ракија и убавините на областите каде што живеат Македонците во Албанија

Македонското друштво „Илинден“ – Тирана со свој штанд се претстави на 69. Конгрес на Федералната унија на европските националности (ФУЕН) што се одржува во италијанскиот град Болзано.

– Во рамки на активностите на овој значаен собир, синоќа, со свој штанд се претстави и нашето друштво. Имавме македонска домашна ракија, ајвар, лепче, потоа пропаганден материјал на кој се претставени македонските носии, убавините на областите каде што живеат Македонците, како и примероци од весникот „Илинден“. Искрен да бидам побуди голем интерес кај учесниците, кои го посетија во голем број, изјави за МИА Никола Ѓурѓај, претседател на друштвото, кој е учесник на Конгресот.

Според него и претставниците на другите малцинствата од Европа, на свои штандови се претставиле со пропаганден материјал и нивна национална храна.


Македонското друштвото „Илинден“-Тирана член на ФУЕН е од 16 мај 2015 година и е дел од работната група на словенските малцинства.

Во овој период редовно учествува на сите активности и конгреси на унијата, како што и на овој, кој почна вчера а завршува на 26 октомври, на кој учествуваат претставници на автохтоните национални малцинства, националности и јазични групи од цела Европа.

Фото: МД„Илинден“-Тирана