ИЕА: Конфликтот на Блискиот Исток ја создава најголемата енергетска криза во светската историја

Директорот на Меѓународната агенција за енергија (IEA), Фатих Бирол, изјави дека конфликтот меѓу Иран, Соединетите Американски Држави и Израел ја создава најтешката енергетска криза со која светот досега се соочил.

Во интервју за „Radio France Inter“, Бирол изјави дека „ова навистина е најголемата криза во историјата“, посочувајќи дека влошената ситуација е комбинација од нарушувањата на пазарите на нафта и гас и веќе постоечките проблеми предизвикани од војната меѓу Русија и Украина.

Според него, глобалните енергетски пазари се во полоша состојба отколку за време на претходните големи кризи од 1973, 1979 и 2022 година.


Блискоисточниот конфликт доведе до нарушувања во поморскиот сообраќај низ Ормуската Теснина, преку кој поминува околу една петтина од светските испораки на нафта и течен природен гас. Тоа дополнително го оптоварува глобалното снабдување со енергенси, веќе засегнато од намалените руски испораки кон Европа.

IEA претходно овој месец соопшти дека е подготвена да ослободи рекордни 400 милиони барели нафта од стратешките резерви со цел да се ублажи растот на цените предизвикан од кризата.