Хулк го напушта Атлетико Минеиро

Поранешниот бразилски репрезентативец Хулк ќе го напушти Атлетико Минеиро, објави клубот, наведувајќи оти двете страни постигнале согласност за предвремен раскин на договорот чија важност е до крајот на оваа година.

Триесетидеветгодишниот Хулк го носи дресот на Атлетико Минеиро од 2021 година и со клубот го освои бразилското првенство, националниот Куп и бразилскиот Суперкуп. Одигра вкупно 309 натпревари, на кои постигна 140 голови и запиша 56 асистенции.


Хулк од 2008 до 2012 година беше дел од португалскиот Порто, со кој ја освои Лига Европа во 2011 година, а од 2012 до 2016 година настапуваше за руски Зенит.

Со бразилската репрезентација, Хулк го освои Купот на конфедерациите во 2013 година и сребрениот медал на Олимписките игри во Лондон во 2012 година.