Најмалку четири лица загинаа при пад на мал авион во близина на градот Медулин, во јужниот дел на хрватскиот полуостров Истра, јави Хина, повикувајќи се на локалната полиција.
Според локалните медиуми, четири лица го загубиле животот, додека по уште две лица сѐ уште се трага.
Според првичните информации, полицијата околу 11:20 часот по локално време добила пријава дека мал авион се урнал меѓу населените места Каштијун и Медулин.
На местото веднаш биле испратени екипи на итната медицинска помош, противпожарните служби и полицијата.
„Во моментов сите итни служби се на терен, вклучувајќи и екипи на брзата помош, пожарникари и полициски службеници, кои преземаат мерки и активности во рамките на своите надлежности“, изјави полицискиот портпарол.
Причините за несреќата засега не се познати. (МИА)








