Холандските разузнавачки служби АИВД и МИВД ја намалија размената на информации со своите американски партнери, наведувајќи ја како причина политичката ситуација во САД и загриженоста поради политизацијата на разузнавачкиот сектор и почитувањето на човековите права, објави денеска весникот „Де Волкскрант“.
Директорите на АИВД, Ерик Акербум и МИВД, Питер Рисинк потврдија дека станале „поселективни“ во соработката со ЦИА и НСА.
„Вистина е дека понекогаш повеќе не кажуваме одредени работи“, рече Рисинк во интервју за весникот, додека Акербум додаде дека за секој случај сега се одлучува посебно, објави „НЛ Тајмс“.
Двајцата нагласија дека односите со американските агенции остануваат „одлични“, но дека Холандија станала „покритична“. Според нив, холандските служби сè повеќе ја зајакнуваат европската соработка во рамките на мрежата на северноевропските разузнавачки агенции, меѓу кои се Обединетото Кралство, Германија, Франција, скандинавските земји и Полска.
Како што наведоа, војната во Украина и растечката руска закана ги забрзаа овие мултилатерални иницијативи. Акербум и Рисинк, исто така, предупредија на растечката сајбер закана од Русија и Кина. Според нив, руските служби секоја година извршуваат десетици успешни хакерски напади во Холандија, додека Кина се појавува како нова кибер „суперсила“, технолошки напредна како САД.
Акербум посебно предупреди на „операции за близок пристап“ во Кина, за време на кои до уредите на холандските новинари, државните службеници и вработените во технолошките компании може да се пристапи физички или безжично. Тој рече дека кинеските служби потоа користат вештачка интелигенција за да ги анализираат собраните податоци.
„Луѓето мора да бидат свесни дека нивните уреди се ранливи“, нагласи Акербум.