Министерот за Европа и надворешни работи на Албанија, Ферит Хоџа, изјави дека Турција е важен партнер и сојузник во економска и безбедносна смисла и додаде дека имаат за цел секогаш да го зајакнуваат партнерството со Анкара и да го подигнат на повисоки нивоа.
-Турција и Албанија се пријатели и стратешки партнери, повеќе од сојузници. Ние сме членки на НАТО и земји кандидати за ЕУ. Но, над сето тоа, постои пријателство меѓу нашите нации обликувано од историјата, изјавил Хоџа, за агенција Анадолија.
Нагласил дека односите меѓу двете земји се зајакнуваат во различни области на соработка и преку контакти на високо ниво, при што се осврнал на искрената поддршка што Турција ѝ ја дала на Албанија во процесот на транзиција.
-Сега гледаме дека сме во однос кој ќе биде во корист и на Албанија и на Турција и кој секогаш ќе расте и ќе достигнува подобро ниво. Турција е една од најважните земји за Западен Балкан и за НАТО, рекол тој, изразувајќи желба за зајакнување и унапредување на партнерството со Анкара.
Хоџа истакнал „не постои област во која Турција и Албанија не можат да соработуваат, но, можам да кажам дека најважните области се нашите економски врски.“
Според него, инвестициите и контактите меѓу луѓето ќе поттикнат повеќе идеи и проекти, што ќе ја подобри работната атмосфера во Албанија, укажувајќи на важноста од зајакнување на односите во областа на безбедноста.
-Балканот е регион каде што се случиле многу нешта и сè уште не сме во состојба да кажеме дека сè е решено. Знаеме дека постојат прашања кои чекаат да бидат решени. Безбедноста, инвестициите во безбедноста, инвестициите во транспортните врски и обезбедувањето соработка во инвестициите во области што ќе го олеснат водењето бизнис за Албанците во Турција и за Турците во Албанија, секако е нешто што го сакаат и двете земји и нашите народи, посочил Хоџа.
Тој учествува на петтиот Дипломатски форум во Анталија.








