Годинава, Вардарската регата повторно ќе плови до Солун. Откако се обнови 2010 , желба на организаторот беше гемиите од Велес да пловат до Солун, и тоа ќе се оствари во јуни по трет пат. Организаторот, Извидничкиот одред „Димитар Влахов“ од Велес, најавува дека пловидбата ќе се реализира со помош на грчките извидници.
„Веќе по трет пат се оствари сонот на многу генерации велешки гемиџии и годинава повторно ќе пловиме до Солун. Во целост ќе пловиме како велешките гемиџии, кои во 19 век стоката согемии ја дистрибуирале до Солун. Петиот ден од пловидбата треба да влеземе во делатата на реката Вардар, што е голем предизвик. Бевме неколкупати да ја проучиме патеката, ја познаваме ситуацијата. Во оваа делта каде Вардар се дели на 8 краци водостојот е многу низок, ќе имаме помош од грчките рибари да пловиме по вистинската патека. Треба дастасаме до Солунското пристаниште. Ќе биде тешко по делтата на Вардар оти е заштитена зона и не може да се користи возило, ако заглавиме тие 4 до 6 км мораме да ги извесламе, нема помош од механизација и возила“, кажа Ангелче Гушев, член на организацијата на „Вардарската регата 2026“. 26. Вардарска регата започнува на 18 јуни а ќе заврши на 23 јуни, кога од Велес се плови до Криволак, следниот ден е до Демир Капија, третиот до Марвинци, по што на суво учесниците се префлаат преку граница до Евзони, каде е прв базен логор во Грција, потоа до Акропотамис, каде е четвртиот базен логор.
Организатор на Вардарската регата “Гемиџии“ 2026 повторно е извидничкиот одред “Димитар Влахов“ – Велес кој доби делегирана надлежност од Општина Велес и Градоначалникот на Велес Марко Колев. Регатата се организира со поддршка на Општина Велес и општествено одговорно компании од Велес и Македонија.
„Имаме поддршка од колегите Солунски морски извидници, кои сакаат да се реализира оваа регата низ Грција. Ним им одговора во програмските активности да имаат ваков настан. Си подадовме рака, бидејќи оваа манифестација која живее и опстојува многу години е потребна. Како комшии потребни сме едни на други и се надевам дека повторно се ќе биде во најдобар ред годинава. Ова што ќе се случува на крајот од јуни е голема европска вредност, гемиџиите да пловат по Вардар низ Грција и да стигнеме до Солун“, вели Гушев.
На годинашнава регата нема да плови гемијата ниту сплавот, туку учесниците ќе бидат само со чамци, бидејќи границата мора да се мине на суво, не по Вардар. Регатата и овојпат е меѓународна, најавени се традиционалните гости од Србија и од БиХ од причина што Вардарската регата е во програмата на Балканската рафтинг федерација.








