Ќе го решиме проблемот со Вардариште. Ви ветувам. На крајот на мојот мандат Вардариште ќе биде модерен парк. А кејот на Вардар ќе биде направен до Долно Лисиче. Ова вечерва од митингот во Аеродром го истакна кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски пред присутните истакна дека Аеродром е срцето на модерно Скопје, општина полна со живот, со млада енергија и со огромен потенцијал. Најави и голем број проекти кои се планираат за подобрување на животот во оваа општина и подобрување на секојдневнието на жителите.
-Го решаваме сообраќајниот хаос и го поврзуваме Аеродром како никогаш досега! Конечно ќе го завршиме булеварот „АСНОМ“ и ќе ве поврземе со Гази Баба преку новиот мост. Ќе го изградиме и булеварот „Февруарски поход“ со нов мост преку Вардар, со што отвораме целосно нов коридор кон Гази Баба и кон новиот мега парк Вардариште. Предвидуваме реконструкција на улицата Фрањо Клуз, и пробивање на булеварот Борис Кидрич. Аеродром нема повеќе да биде сообраќаен остров, туку најповрзаната општина во Скопје. Второ, го решаваме секојдневниот урбан хаос и воведуваме ред. Ставаме крај на опасниот сообраќај кај „Тобако 2“ со изградба на модерен двоен кружен тек. Безбедноста на нашите деца кои одат во училиште е на прво место. И конечно, го решаваме хроничниот проблем со паркирањето, нагласи Ѓорѓиевски.
Додаде дека монтажни катни гаражи ќе се изградат во Ново Лисиче, Јане Сандански и Мичурин, бидејќи како што рече, доста е со кружење и нервози, време е за ред и за слободни тротоари!
Ѓорѓиевски најави и решавање на деценискиот еколошки проблем со Усјанскиот канал, со негово целосно затворање и претворање во уредена, зелена пешачка зона со нова урбана опрема.
-Почнуваме со темелна реформа. Ќе ги реформираме јавните претпријатија за да бидат ефикасни и во служба на граѓаните. Нема повеќе изговори за неисчистени улици и преполни контејнери. Ќе воведеме Нов комунален ред и со Еко-бригади ќе обезбедиме Скопје да биде чист град, онаков каков што сите го посакуваме, вели Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека ја имаат поддршката и од оваа Влада, која им помага на општините, која инвестира во патишта, во градинки, во училишта низ цела Македонија.