На повеќе места во Скопје, почнувајќи од Градскиот парк, се копаат бунари за вода, која би се користела за наводнување, со што се очекува да се намали огромната загуба на питка вода во главниот град, што изнесува до 60 отсто.
– Во Градскиот парк се користела питка вода, а сега на повеќе места почнуваме со копање бунари, со цел да се намали употребата на водата од водоводниот систем – рече градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, кој присуствува на почетокот на изградбата на Универзална сала.
– Ние имаме најквалитетна вода и оваа година изворите на Рашче се како никогаш досега, 25 години наназад, полни, па ова лето нема да ги гледаме оние слики и голготи кои ги доживуваа граѓаните, рече Ѓорѓиевски.
Тој појасни дека вакви бунари ќе се копаат низ повеќе места во Скопје, но и во приградските населби, каде ќе се субвенционира бушење сопствени бунари.
Градоначалникот Ѓорѓиевски убедува дека се работи на замена на водоводниот систем, онаму каде е стар и каде се забележани енормни загуби на вода. Деновиве, се почна со замена на водоводниот систем во Лисиче и Горно Лисиче.
– Така во етапи ќе се менува целата водоводна мрежа во целиот град – уверува Ѓорѓиевски, кој вели дека почнале и со замена на водоводни броила.
Се надева дека до крајот на неговиот мандат за половина ќе се намалат загубите на вода.








