Кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најавува современи услови за работа за пожарникарите.
Ѓорѓиевски денеска остварил средба со претставниците од Независниот синдикат на пожарникари на Македонија, на која разговарале за нивните секојдневни предизвици, за проблемите со кои се соочуваат и за потребата од подобри услови за нивната благородна работа.
– Пожарникарите се вистинските херои на нашиот град, луѓе кои секојдневно го ризикуваат сопствениот живот за да спасат туѓ. Тие се симбол на храброст, пожртвуваност и човечност и затоа, во мене ќе имаат партнер, пријател и искрена поддршка. По моето стапување на функцијата градоначалник на Скопје, ќе започнеме со реализација на конкретни проекти кои ќе им овозможат достоинствени услови за работа, онакви какви што навистина заслужуваат. Ќе набавиме нови униформи и опрема, ќе ги модернизираме возилата и ќе отвориме две нови пожарни станици во Кисела Вода и во Бутел, со цел побрза реакција и поголема безбедност на граѓаните. Ќе вложиме сериозен фокус во Противпожарната бригада, затоа што хероите на градот заслужуваат почит, сигурност и услови достојни на нивната храброст, вели Ѓорѓиевски.
Нагласува дека тие се столбот на безбедноста на Скопје и Скопје мора да застане зад нив!