Денот на пожарникарите, 20 Мај, денеска беше одбележан со свеченост во скопската противпожарна бригада.
На одбележувањето присуствуваше градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски кој истакна дека пожарникарството е една од најхуманите, најчесните, но и најризичните професии.
-Денес е денот на луѓето кои не прашуваат чиј е домот, чиј е животот, чија е несреќата.Луѓе кои, кога сите други се повлекуваат, тргнуваат напред. Кога опасноста е најголема, тие се првите што влегуваат во неа.
Денес е Денот на нашите херои, пожарникарите. Пожарникарството е завет. Повик што бара храброст, дисциплина, човечност и срце поголемо од стравот. Да се биде пожарникар значи да бидеш подготвен да го ризикуваш сопствениот живот за да спасиш туѓ. Да излезеш од својот дом, знаејќи дека некаде гори нечиј дом. Да го оставиш своето семејство, за да заштитиш нечие друго, посочи Ѓорѓиевски.
Денешниот ден е и ден кога се одбележува исклучителен јубилеј – 190 години од формирањето на првата противпожарна единица во Македонија.
-Тоа е доказ дека Македонија има длабока традиција на организирана храброст, пожртвуваност и служба кон народот. Традиција која денес ја продолжувате токму вие, современите пожарникари, луѓето кои секојдневно ја бранат безбедноста на граѓаните, имотот, природата и градот, посочи тој.
Ѓорѓиевски нагласи дека негова заложба останува модернизација на Противпожарната бригада на Град Скопје и континуирано подобрување на условите за работа на нашите пожарникари.
-Веќе е готов спортскиот комплекс во рамки на дворот на Противпожарната бригада во Скопје, затоа што физичката подготвеност, здравјето и кондицијата се дел од нивната секојдневна борбена готовност. Но, тука нема да застанеме. Ќе работиме на подобра опрема, подобри услови, поголема подготвеност и систем кој ќе може побрзо, посилно и поефикасно да одговори на секој предизвик. Градот што бара храброст од своите пожарникари, има обврска да им обезбеди достоинствени услови. Општеството што ги нарекува херои, има должност да стои зад нив не само на свечености, туку секој ден, во секоја смена и во секој ризик што го преземаат, рече градоначалникот на Град Скопје.







