👁️  40

По Европската Комисија и евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир оцени дека некои од измените на Кривичниот законик носат ризик од зголемување на неказнивоста. Тој порача дека кривичните дела треба да бидат соодветно санкционирани и да се почитува владеењето на правото. Гир се осврна и на процедурата за усвојувањето на измените.

„Уште еднаш е изразена загриженост за употребата на европското знаменце, на ваков начин, за да се забрза усвојувањето на законодавството и се оневозможи јавната дебата во земјата“, рече Гир.

Од албанската опозиција остануваат на ставот дека во позадина на измените стои политички договор за обезбедување двотретинско мнозинство за уставните измени.

„Огромното мнозинство предмети сега ќе застарат или се веќе застарени според новиот закон. Јасно е дека тоа влијае на многу случаи поврзани со поранешниот премиер Никола Груевски и тоа не е нешто што треба да го криеме. Тоа влијае и на актуелните владини функционери кои се подготвуваат за опозиција“, рече Фадиљ Зендели – БЕСА.

Од ВМРО-ДПМНЕ денеска не искоментираа дали можеби некаков договор стои во позадина. Партискиот претседател Христијан Мицкоски смета дека измените на Кривичниот законик се во полза на власта, со цел, како што вели, во обид во иднина да се спасат од актуелните криминали.

„И со златно знаме да го изгласаат, идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ има намера многу сериозно да ги истражи сите основани сомневања за сторен криминал изминативе шест години“, рече Мицкоски.

Од друга страна, власта негираше дека има било каков договор зад измените. Премиерот Димитар Ковачевски вчера рече дека со измените се надминува и решава т.н. систем воспоставен од Дарт Вејдер во македонското правосудство, а денеска се дообјасни на кого мислел.

„Ќе оставам на имагинацијата, на креативноста и на истражувачкиот потенцијал на нашите новинари да се навратат 15-тина години во нашиот правосуден систем, да видат како се менувани одредени закони, како се монтирани одредени процеси и тогаш ќе можат многу лесно да идентификуваат кој е Дарт Вејдер на македонското правосудство, кој потекнува од комунистичкото време“, рече Ковачевски.

Измените експресно поминаа на комисиска расправа и на собраниска седница.