Патот на Западен Балкан кон европското семејство треба да се забрза, а Грција ќе се погрижи во оваа насока со низа иницијативи, порача министерот за надворешни работи на Грција, Јоргос Герапетритис во изјава за државната телевизија ЕРТ по учеството на Самитот на Берлинскиот процес во Лондон, јави дописничката на МИА од Атина.
Шефот на грчката дипломатија истакна дека Берлинскиот процес е „исклучително важен форум, што се однесува на иднината на Западен Балкан и иднината на самата Европа“, а уште еднаш ја повтори поддршката на Грција, велејќи дека земјата отсекогаш била предводник на процесот на евроинтеграција на Западен Балкан, „а денес повеќе од кога било е во првите редови на иницијативите“
– Западен Балкан, што во моментов е на пат кон Европската Унија, треба да забрза. Но и Европската Унија ќе треба да направи сè што е во нејзини раце за регионот да стане место на мир и просперитет. А за да се случи тоа, единствениот сигурен пат е европското семејство. Тоа е неопходност, што станува сè поочигледна денес, со толку предизвици, со големи бранови на универзални проблеми, кои нè погодуваат, со национализмите, кои се развиваат. Патот кон европското семејство треба да се забрза. И Грција ќе се погрижи во оваа насока со низа иницијативи, нагласи Герапетритис.
Дополнително посочи дека разговарале и за миграцијата и за безбедносните предизвици, не само за физичката безбедност, туку и за хибридните закани и додаде дека постои криза со храна, климатска криза, здравствени кризи, но и дека „моментално се наоѓаме во исклучително тешка состојба со повеќекратни предизвици“.
– Она што секојдневно го констатираме е дека кризите, од национални или регионални, стануваат сè повеќе глобални, а проблемите од локални или регионални сè почесто стануваат геополитички. Оваа трансформација создава уште поголема сложеност во меѓудржавните односи. Единственото решение што би го зајакнало просперитетот во регионот, со поголема придобивка за повеќемина, поголема конвергенција меѓу народите и државите, би била интеграцијата, патот на Западен Балкан кон европското семејство. Делиме заеднички предизвици, имаме големи заеднички проблеми и треба заедно да се справиме со нив, порача Герапетритис.
Како што претходно објави МИА, на маргините на Самитот на Берлинскиот процес за Западен Балкан, министерот за надворешни работи на Грција имал неколку средби меѓу кои и со премиерот Христијан Мицкоски.
Од Министерството за надворешни работи на Грција на Икс објавија фотографии на Герапетритис со премиерите на Македонија и Косово Христијан Мицкоски и Албин Курти, со генералниот секретар на Регионалниот совет за соработка Амер Капетановиќ и со генералниот секретар на ОБСЕ, Феридун Синирлиоглу. (МИА)