Герапетритис: Интегративниот процес на Западен Балкан е од витално значење и за народите на регионот и за самата ЕУ

Интегративниот процес на Западен Балкан е од витално значење и за народите на регионот и за самата Европска Унија, за поширока, посилна и поотпорна ЕУ, која ќе ги вклучи сите народи, особено Западен Балкан, кој има тешка историја, историја на национализми, војни и конфликти. Исклучително е важно да го поттикнеме овој процес, секако во рамките на критериумите поставени од самото право на ЕУ, порача министерот за надворешни работи на Грција, Јоргос Герапетритис, по состанокот на групата „Пријатели на Западен Балкан“ во Братислава, јави дописничката на МИА од Атина.

Во изјава за државната телевизија ЕРТ во рамките на неговото учество на министерскиот состанок, шефот на грчката дипломатија посочи дека ЕУ перспективата на Западен Балкан во изминатиот период е особено актуелно прашање, како за Европа, така и за Грција, потсети дека и вчера разговараа на оваа тема во рамките на Советот за надворешни работи на Унијата и уште ја повтори грчката поддршка.


Рече дека „Грција има преземено обемна иницијатива“, дека е земја која го забрзува процесот на интеграција на Западен Балкан, како соседна земја и најстара членка од регионот во Европската Унија, дека е „клучно Грција да биде присутна во оваа дискусија“, а се осврна и на Декларацијата од Делфи потпишана пред 20 дена.

– Важно е Европската Унија, во услови на големи и тешки предизвици да стане вистинска унија на сите народи на Европа. Во рамките на водечката улога на Грција во пред-пристапниот процес на земјите од Западен Балкан, ќе преземаме низа иницијативи, кои вклучуваат посети на министерот за надворешни работи во земјите од Западен Балкан, како и Грција да биде домаќин на следната средба на „Пријателите на Западен Балкан“. Следниот период, следните месеци се исклучително клучни, особено во пресрет на грчкото претседателство со Советот на ЕУ во втората половина на 2027 година, период во кој сме уверени дека може суштински да напредува дискусијата за интеграција на Западен Балкан и по 13 години да се интегрира првата земја од Западен Балкан во ЕУ, нагласи Герапетритис.

На состанокот во Братислава, на групата „Пријатели на Западен Балкан“, што ја сочинуваат Италија, Австрија, Грција, Чешка, Словачка, Хрватска и Словенија, а со цел забрзување на пристапниот процес и интеграцијата на земјите од регионот во ЕУ, учествуваше и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски. (МИА)