Владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска обвини дека претседателот на СДСМ, Венко Филипче, ги повторува ставовите и политиките што, според партијата, своевремено ги застапувал поранешниот премиер Зоран Заев во однос на уставните измени и евроинтегративниот процес на државата.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Филипче се обидува да ги убеди граѓаните дека уставните измени можат да бидат прифатени и без конкретни гаранции за понатамошниот тек на евроинтеграциите, оценувајќи дека станува збор за реторика слична на онаа што била користена за време на промената на уставното име на државата.
Според партијата, ветувањата дека решавањето на спорот за името ќе биде последната пречка на патот кон Европската Унија не се оствариле, а земјата подоцна се соочила со нови блокади, вета и дополнителни условувања.
„Филипче нема прецизни ставови за тоа како би се спречиле идни блокади и вета, ниту како би се обезбедила сигурност дека државата нема повторно да се соочи со нови условувања“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од владејачката партија тврдат дека СДСМ и ДУИ во минатото спровеле уставни измени поврзани со промената на името на државата, а дека сега Филипче се залага за нови уставни измени без обезбедени гаранции за напредокот во евроинтегративниот процес.
Во соопштението се наведува дека членството во Европската Унија останува стратешка цел на државата, но, според ВМРО-ДПМНЕ, тоа не треба да биде причина за прифаќање нови отстапки без јасен исход и без заштита на националните интереси.
Партијата порачува дека нема да дозволи, како што наведува, повторно да биде игнорирана волјата на граѓаните и оти секој следен чекор на европскиот пат треба да биде заснован на јасни гаранции и заштита на државните позиции.
Од ВМРО-ДПМНЕ дополнително обвинуваат дека Филипче ја застапува истата политика на СДСМ во однос на уставните измени и евроинтеграциите, оценувајќи дека неговите ставови се насочени кон исполнување на туѓи агенди и приближување кон бугарските барања.
„Македонија заслужува достоинствен европски пат без нови условувања и отстапки. Граѓаните заслужуваат одговорна политика која ќе ги брани државните позиции и ќе обезбеди сигурна иднина“, се наведува во партиското соопштение.








