Еве зошто неисполнетите планови ви предизвикуваат голем стрес

Еден итен телефонски повик, неколку непланирани обврски и работниот ден завршува без да се заврши најважната задача. Ситуација позната на многумина често носи фрустрација и стрес, особено кога работите не одат според планот.

Експертите објаснуваат дека причината не е случајна, туку психолошка. Колку подетално го планираме нашиот ден, толку повеќе очекуваме да ги постигнеме нашите цели. Кога не успеваме во ова, луѓето често се обвинуваат себеси, што дополнително го зголемува чувството на фрустрација и стрес.

Ова го истакнува Нина Тренц Коман, истражувачки соработник во областа на организациската и економската психологија на Техничкиот универзитет во Дармштат. Таа се повикува на резултатите од актуелно истражување што го спроведе со колега, во кое анкетирале 192 вработени од различни сектори двапати на ден во текот на пет дена.

Резултатите покажаа дека планирањето ги намалува чувствата на стрес во деновите кога луѓето успеваат да ги постигнат своите цели. Сепак, кога целите остануваат неисполнети, стресот бил значително поизразен кај оние кои претходно ги планирале своите обврски детално.

Како да планирате работен ден без дополнителен стрес

Експертите велат дека решението не е да се престане со планирањето. Добро организираниот ден сепак ја зголемува продуктивноста и носи поголем мир за време на работата. Сепак, важно е да се планира на правилен начин.


Тренц Коман препорачува поставување приоритети и поставување точни временски рамки за задачите. Примери се: „Одговарање на е-пошта од 14 до 15 часот“ или „Уредување на презентација од 16 до 18 часот“.

Методот на таканаречени планови „ако-тогаш“, кои однапред дефинираат кога и како ќе се пристапи кон одредена задача, исто така се покажа како корисен. На пример: „Кога ќе ја завршам паузата за ручек, веднаш ќе почнам да работам на презентацијата“.

Резервни планови и емоционална контрола

Дополнително, се препорачува да се направат резервни планови во случај состаноците, телефонските повици или други непредвидени ситуации да го нарушат распоредот на денот. Ако некое лице знае дека има еден час мир навечер за да ги заврши своите обврски, ќе може полесно да толерира неочекувани прекини.

Кога тоа не помага, стратегиите за регулирање на емоциите и намалување на стресот можат да бидат корисни. Една од нив е промена на перспективата и прифаќање на фактот дека од грешките може да се научи.

Наместо да се фокусираат на она што не успеале да го завршат, вработените треба да обрнат поголемо внимание на чекорите што ги презеле и искуствата што ги стекнале, бидејќи врз нив можат да градат иден успех.