Ева Костиќ прогласена за најдобра актерка на ТОФИФЕСТ за улогата во филмот „17“

Актерката Ева Костиќ ја доби наградата „Најдобра актерка“ на 24. Интернационален филмски фестивал ТОФИФЕСТ во Торуњ, Полска, за улогата на Сара во дебитантскиот игран филм „17“ на режисерката Косара Митиќ.

-Признанието беше доделено на фестивалот што се одржа од 27 јуни до 3 јули, а за наградите одлучуваше петчлено жири составено од режисерите Магдалена Лазаркјевич и Ксавери Жулавски, актерите Анджеј Хира и Каролина Грушка и продуцентот Војчех Гостомчик – соопшти продукцијата „Црна мачка“

Во образложението, жирито ја истакнало „длабоко трогателната изведба“ на Костиќ, оценувајќи дека таа со „извонредна чувствителност и храброст“ го води ликот низ искуствата на траума, осаменост, отуѓеност, срам и страв.


-Преку воздржана, но експресивна глума, таа ја пренесува длабочината на страдањето на Сара, откривајќи ја нејзината ранливост и внатрешна сила. Тоа е изведба што ѝ пристапува на една исклучително тешка тема со емпатија и достоинство, оставајќи траен впечаток долго по завршувањето на филмот – се наведува во одлуката на жирито.

Филмот „17“ беше прикажан во главната натпреварувачка програма „ON AIR Competition“, која е наменета за први и втори режисерски остварувања. Во конкуренцијата учествуваа уште единаесет филмови од повеќе земји.

По настапот на ТОФИФЕСТ, фестивалската турнеја на „17“ продолжува со учество на 43. Jerusalem Film Festival и на 16. Atlàntida Mallorca Film Fest.