👁️  5

Ракометниот клуб Алкалоид ќе дебитира во Европската лига на ЕХФ, откако во дебитантската сезона во македонската Суперлига се избори за второто место.

Младиот колектив од Автокоманда се подготвува за првиот историски европски предизвик, а посебно внимание доби од страна на Европската ракометна куќа.

ЕХФ формира текст за најава на учеството на Алкалоид во групите на своето второ по ранг натпреварување. Секако, во прв план беше ракометната легенда Кирил Лазаров кој е предводник на тимот, а тој кажа:

„Настапот во Европската лига за нас како клуб е ново поглавје и искуство. Ќе играме против одлични ривали. Нашата цел е да се подготвиме за секој натпревар. Сакаме да влегуваме во мечевите со позитивни мисли и победнички менталитет, бидејќи сепак ја претставуваме и нашата земја во Европа. Ќе се обидеме да се презентираме себеси како компетитивен тим кој никогаш не се откажува. Многу е важно за да се има квалитетен и компетитивен национален тим, да имате силни клубови во домашното првенство. Особено каде што македонските играчи имаат клучна улога“.

Европската лига на ЕХФ стартува во втората половина на октомври. Дебито на Алкалоид ќе биде на домашен терен против екипата на Војводина, а потоа следи гостување кај Ла Риоха. Во третото и четвртото коло Алкалоид го чека двомеч со Бјерингбро/Силкеборг, па гостински меч кај Војводина и затворање на групата дома со Шпанците.