Дубаи го декласира Фенер, Ефес победи кај Олимпијакос

Црвена Звезда ја прекина лошата серија против Жалгирис, Дубаи среде Истанбул го декласира Фенербахче, а Ефес во Атина го победи Олимпијакос во четвртото коло во Евролигата.

Црвена звезда на дебито на новиот тренер Саша Обрадовиќ, славеше против Жалгирис 88:79.

Црвено-вбелите предводени од Џордан Нвора го симнаа проклетството против литвванскиот тим, ја прекинаа серијата од пет порази и воедно на Жалгирис му го нанесоа првиот пораз во тековната сезона

Нвора го заврши натпреварот со 24 поени, седум скока, пет украдени топки, три асистенции и две блокади. Монеке и одличниот Мотиејунас постигнаа по 13 поени, а Сами Оџелеј постигна 10 поени. Кај Жалгирис се истакнаа Буткевичиус и Ло, тие беа најефикасни со по 14 поени, а Силван Франциско постигна 13.

Ефес славеше во Атина против Олимпијакос со 82:78. Мечот беше драматичен до самиот крај. Кординие погоди тројка на 43 секунди до крајот за 78:79, потоа Олимпијакос не реализираше напад, а Ларкин погоди две слоодни фрлања. На крајот Везенков не успеа да избори продолженија.


Ефес до победата го предводеше Кол Свајдер со 20 поени, одличен беше и Шејн Ларкин со 18, Османи додаде 12, а двоцифрени беа и Ајзеа Кординие со 10 поени и Пи-Џеј Доужер со 11 поени.

Во тимот на Олимпијакос се истакна Питерс со 14 поени, Ворд додаде 13, а Везенков 12.

Дебитантот во Евролигата, Дубаи во Истанбул го декласира актуелниот шампион, Фенербахче со 93:69.

Центарот на Дубаи Кабенгеле доминираше со 26 поени и 7 скока, Бејкон имаше 21, Бертанс и Препелиќ по 13, а Петрушев забележа 11 поени и 8 скока.

Кај Фенер, Болдвин и Колсон постигнаа по 12 поени.