Драмски театар со две претстави на 27 интернационален фестивал на монодрама Битола

Драмски театар Скопје вечерва и утре гостува на 27. Интернационален фестивал на монодрама во Битола (2026). Под мотото „Огледало на вистината“ од 23 до 29 април, фестивалската Битола повторно е на мапата на светска театарска сцена каде што „Еден актер. Една сцена. Една вистина.“ се доволни да се создаде цел универзум од емоции, приказни и трансформации.

Вечерва во официјалната фестивалска програма се игра „Драми на принцезите  – Џеки“ на Драмски театар Скопје. Претставата е монодрама на режисерката Жива Бизовичар од Словенија, работена по текст на австриската авторка Елфриде Јелинек, која за романот „Пијанистка“ во 2004 година ја добива Нобеловата награда за литература.

Во програмската белешка за претставата се истакнува дека во драмскиот текст „Драми на принцезите“ Елфриде Јелинек ја користи фигурата на Џеки Кенеди како културен и медиумски конструкт, а не како приватна, историска личност. Таа е симбол на жената претворена во икона преку траумата, жената чија болка е јавно експонирана, естетизирана и консумирана од масовната култура.

Џеки Кенеди во текстот не постои како субјект со сопствен глас, туку како тело и слика врз кои се проектираат машките, политичките и медиумските наративи. Смртта на сопругот не е само лична загуба, туку спектакл, историски момент кој ја замрзнува во улогата на „вечната вдовица“. Јелинек ја проблематизира токму таа позиција: жената која мора да биде достоинствена, убава и тивка додека светот ја набљудува нејзината траума.

Премиерата на претставата „Драми на принцезите  – Џеки“ се играше на 13 февруари, а вечерашното учество на фестивалот ќе биде нејзина 6. изведба.

На утрешното свечено затворање и доделувањето на наградите и наградата гран при на фестивалот, ревијално ќе се игра претставата  „Гидионовиот јазол“. Претставата ќе им биде посветена на наградените и на театарската публика што веќе трета деценија го следи фестивалот кој годинава се реализира под слоганот „Огледало на вистината. Еден актер. Една сцена. Една вистина.“


„Гидионовиот јазол“ на режисерката Драгана Милошевски-Попова е претставата работена по текст на авторката Џона Адамс. Драматург на претставата е Викторија Рангелова-Петровска.

Улогите ги играат актерите Биљана Драгиќевиќ-Пројковска и Ања Митиќ.

Режисерката Драгана Милошевски-Попова во програмската белешка истакнува дека претставата „Гидионовиот јазол“ е моќна и вознемирувачка приказна за вината, одговорноста, тагата и сложениот однос во комуникацијата, како и состојбите во образовниот систем, проблемите со кои се соочува детето низ периодот на детството. На училишна средба меѓу мајката Корин и наставничката Хедер, кој се случува по еден трагичен настан, преку деликатен, емотивно исполнет/напнат дијалог, се отвораат прашањата за детската креативност, слободата на изразување, за уметноста, за одговорноста на наставниците и за  родителите, за социјалните мрежи, за врсничкото насилство, за осаменоста, преку кои постепено се разоткрива длабоката болка и се бара, па и се посочува можниот виновник.

Премиерата на „Гидионовиот јазол“ беше во мај 2025 година и досега има 18 изведби на матичната сцена и на фестивалите РУТА – Сараево, „Скопско лето“ и фестивалот „Ристо Шишков“ во 2025 година, каде што актерката Биљана Драгиќевиќ-Пројковска за улогата Корин Фел ја доби наградата за најдобро актерско остварување на 33.  Меѓународен фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“.

На претставувањето на програмата на 27. Интернационален фестивал на монодрама во Битола, директорот на НУ Центар за култура – Битола, Сашо Илковски и селекторот на фестивалот Благој Мицевски,  најавија дека на годинашниот фестивал публиката ја има можноста да проследи 13 монодрамски претстави од 10 држави: Ерменија, Полска, Литванија, Грузија, Киргистан, Шпанија, Казахстан, САД, Израел и Македонија. Во рамките на програмата беа селектирани три македонски претстави, со што фестивалот продолжува да ја поддржува и афирмира домашната театарска продукција.

Покрај официјалната натпреварувачка програма, фестивалот и оваа година понуди и OFF- програма, која вклучува ретроспективна изложба „Лауреати на фестивалот“, уличен перформанс „Статуи“ на Широк Сокак, како и неколку тематски работилници.