Димитровски: Очекувам со новата влада во Софија да најдеме прифатливо решение за сите

Заменик – министерот за надворешни работи и надворешна трговија Зоран Димитровски очекува во наредниот период со новата влада во Софија да се влезе во дијалог и да се најде решение што ќе биде прифатливо за сите.

Димитровски денеска присуствуваше на настан во Собранието каде беше прашан дали Владата ќе прифати влез на Бугарите во Уставот и другите помали заедници и дали има рок за влез во ЕУ.

– За жал, ниту од Европската Унија, ниту од земјите – членки, не постојат ниту напори, ниту предвидени рокови, кога земјите кандидати од Западен Балкан ќе ѝ се приклучат на Европската Унија – рече Димитровски.

Тој рече дека е потребна предвидливост на европскиот пат, а смета дека земјата има се повеќе поддршка. Го спомна меѓу другото, претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, за кого било разумно тоа што нашата држава барала некакви гаранции.

– Јас се чудам зошто само на опозицијата не ѝ е разумно да бараме гаранции – рече Димитровски.


Мораме достоинствено да ги почнеме преговорите и достоинствено да станеме членка на Европската Унија – порача Димитровски.

Во однос на влезот на Бугарите во Уставот и други етнички заедници, тој истакна дека нашата држава е шампион во човекови и малцински права и дека во Стразбур нема ниту една пресуда што се однесува на правата на Бугарите во Македонија, но дека државата мора да има гаранции дека нема да има понатамошно вета.

– Она што ја загрижува оваа влада и не само оваа влада, туку и мнозинството граѓани, 80 отсто од Македонците, 70 отсто од Албанците и она што сметаме дека во изминативе две години успеавме како Влада да наидеме на разбирање кај 99 отсто кај сите земји – членки, е дека навистина имаме проблем со тоа што ќе се случува денот по отворањето на Уставот, денот по влезот на Бугарите во Уставот. Дали ќе продолжат бугарските вета? И за тоа немаме гаранции. Немаме гаранција од Софија, напротив, имаме гаранции дека мораме да ги исполниме до последна точка сите преземени обврски, не само со преговарачката рамка, туку и со протоколите. Докрај. Онака како што се запишани, докрај – рече Димитровски.

На денешната пленарна сесија 1 – „Моделот на вклучување на Собранието на Република Северна Македонија во процесот на пристапување кон ЕУ“, на прашања покрај Димитровски, одговараа собранискиот претседател Африм Гаши, заменик-претседателката на СДСМ – Фани Каранфилова-Пановска, Марија Ристеска – извршна директорка на Центарот за истражување и креирање политики – ЦРПМ, како и Гордан Георгиев – поранешен пратеник и претседател на Форумот за разумни политики.

На утрешната пленарна сесија 2 – „Работните тела на Собранието на Република Северна Македонија и процесот на пристапување кон ЕУ“, најавено е на прашања да одговараат Беким Сали – прв заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Венко Филипче – претседател на Националниот совет за евроинтеграции, Ели Панова – членка на Комисијата за европски прашања, Бујар Османи – поранешен министер за надворешни работи, како и Цветанка Иванова – поранешна генерална секретарка на Собранието.